Владиката Давид од ПОА не е позитивен на ковид-19, воопшто не бил на погребот на патријархот во Белград
Ниту бев во Белград, и фала му на Бога, добро сум. Тие, пред да објават таква вест, дека сум бил на погреб и дека сум хоспитализиран, ако сакаа, можеа да ми се јават и да проверат, согласно елементарната новинарска пракса, изјави владиката стобиски г. Давид за Плусинфо.
Лажна вест е дека епископот стобиски г. Давид од Православната охридска архиепископија (ПОА) е позитивен на ковид-19 и дека тој присуствувал на погребот на српскиот патријарх Иринеј во Белград.
Лажната информација дека владиката Давид од ПОА е позитивен на коронавирусот ја објави Канал 5 директно во попладневните вести.
– Ниту бев во Белград, и фала му на Бога, добро сум. Тие, пред да објават таква вест, дека сум бил на погреб и дека сум хоспитализиран, ако сакаа, можеа да ми се јават и да проверат, согласно елементарната новинарска пракса. Вака, свесно или несвесно, очиледно возможно е да повредат луѓе и за жал, истовремено да пројават отсуство на етика и професионализам – изјави владиката Давид за Плусинфо.
Инаку, за разлика од владиката стобиски г. Давид, српскиот епископ крушевачки г. Давид е позитивен на ковид-19 и пренесен е во болница, објавија утрово српските медиуми.
ОБНОВЕНО
Канал 5 предмалку официјално му се извини на епископот стобиски г. Давид за направената ненамерна грешка и му посака добро здравје.