ВЛАДЕЕ ЛИ ПРАВОТО ИЛИ ОЛИГАРХОТ ДИЛЈАН ПЕЕВСКИ ВО БУГАРИЈА? Тој ги презема партиите една по една, предупредува европратеничката Ајер

Дилјан Пеевски е опасност за демократијата. Европската комисија да испрати итна мисија во Бугарија, бара француската европратеничка Валери Ајер.

553

 

Европа не може да биде силна на глобално ниво ако ги затвора очите дома и не може да проповеда демократија во Киев или Тбилиси, додека ја игнорира неправдата во Софија, изјави француската европратеничка Валери Ајер во воведното обраќање на дебатата во Европскиот парламент за „континуираниот напад врз демократските институции и владеењето на правото во Бугарија“.






Ајер истакна дека директен повод за денешната дебата е апсењето на градоначалникот на Варна, Благомир Коцев, само затоа што, како што рече, ја претставува новата генерација која ги отфрла корупцијата и стилот на владеење на Кремљ.

– Тој стана политички затвореник во рамките на Европската Унија. Тоа е предупредување за сите нас. Градоначалникот на Варна беше избран од бугарскиот народ за да донесе реформи, транспарентност и надеж, но денес тој седи во ќелија со висок степен на безбедност без веродостојни обвиненија – рече Ајер, која е и копретседавач на либералната група „Да ја обновиме Европа“, иницијатор на дебатата за состојбата во Бугарија.

Според Ајер, апсењето на Коцев е тест за европските вредности и кредибилитетот на ЕУ, затоа што ако тие не важат за еден, нема да важат за сите.

– Ако молчиме, стануваме партнери во злосторството. Да покажеме дека ЕУ сè уште се залага за демократија и правда насекаде и за сите – истакна Ајер.

Таа додаде дека она што се случува во Бугарија не е случајно, туку е резултат на заробувањето на правдата од страна на олигарсите, кои сите оние што се залагаат за реформи ги третираат како непријатели на државата.

Според европратеничката, состојбата во Бугарија е показател на корумпираниот свет на тајкунот Дилјан Пеевски, кој, како што рече, создал систем што ги замолчува судиите, обвинителите, безбедносните служби и медиумите.

– Дилјан Пеевски е опасност за демократијата. Тој презема контрола врз постојните политички партии, една по една, и тие политички партии ги користи како алатки за замолчување на противниците – додаде Ајер.

Таа ја повикува Европската комисија да испрати итна мисија во Бугарија за да ја процени состојбата со владеењето на правото и да ги суспендира сите исплати на помош за земјата наменети за правосудните реформи, сè додека Софија не ги ослободи политичките затвореници и не спроведе вистинска поделба на властите.

– Ние како либерални демократи, христијански демократи или социјалдемократи мора да интервенираме. Вашите партии можеби се дел од сегашната (бугарска) Влада, но вашата чест и вашите вредности мора да надвладеат над партиската политика. Искористете ги вашите европски семејства, за да го извршите потребниот притисок. Наша должност е да дејствуваме со јасност, единство и храброст. Апелираме за промени во Бугарија веднаш – истакна Ајер обраќајќи им се на бугарските европратеници.

Данската министерка за европски прашања Мари Бјере во името на Советот на ЕУ истакна дека владеењето на правото и демократија се основни вредности на Европската Унија, кои се меѓусебно тесно поврзани.

– Владеењето на правото е гориво на кое функционира демократијата и обезбедува законот да се применува подеднакво за сите, обезбедува судиите да можат да одлучуваат без страв или додворување, гарантира стабилна правна рамка и обезбедува систем на контрола и рамнотежа што ги штити и правата на малцинствата – рече Бјере.

Таа најави дека на следното заседание на Советот за општи работи на 17 ноември, меѓу другото, ќе биде разгледана и состојбата со владеењето на правото во Бугарија во светло на последните случување и ќе се направи осврт на предизвиците и препораките наведеми во Годишниот извештај на Европската комисија за владеењето на правото во земјата.

– Нашите демократски институции се изложени на закани од внатрешни и од надворешни извори, меѓу кои најзагрижувачки се странското мешање, дезинформациите и манипулациите на изборите. Мораме да најдеме начини заедно да се справиме со овие предизвици. Уверена сум дека идниот европски штит за демократија ќе ни понуди дополнителни алатки за тоа – додаде Бјере.

Еврокомесарот за енергија и домување Дан Јоргесен, во името на Европската комисија, истакна дека во Извештајот за владеење на правото во Бугарија за 2025 година е констатирано дека земјата вложила напори за реформи во правосудниот систем и вовела алатки за подобрување на пристапот до правда.

Меѓутоа, како што нагласи Јоргесен, Уставниот суд на Бугарија некои од преземените правосудни реформи ги прогласи за неуставни со што е оневозможен напредок, а дополнително утврдено е и ограничено спроведување на Националната стратегија за борба против корупцијата, како и загриженост за медиумскиот плурализам и слободата на медиумите.

– Практичната имплементација на владеењето на правото и натаму претставува предизвик и создава загриженост во врска со квалитетот на законодавниот процес – заклучи Јоргесен.

Поврзани содржини