ВЛАДЕАТ СИВИ ЕМИНЕНЦИИ Костовски очекува последици откако го објави извештајот
Одговор од Костовски на колумната од Героски.
Одговорот на Трифун Костовски на вчерашната колумна на Бранко Героски го објавуваме интегрално:
„Господине Героски,
Со внимание ги читав вашите текстови посветени на Еуростандард банка и кон мене како личност.
Ја имате мојата нескриена почит како новинар и главен уредник, а вашето CV е навистина импресивно на тој план.
Вашата дејност е новинар, посебно истражувачкото новинарство ви е главен адут. Објавениот извештај е направен од консултантската куќа Р.У.Р предводена од еминентниот Драго Кос, познат и докажан борец во борбата против криминалот вклучително и во банкарскиот сектор.
Јас во изработениот и објавен извештај немав никакви лични сугестии со кои би требало да се скријам зад параванот на овој извештај. Ме чуди, во целава консталација на овој фактографски извештај, свртувате внимание исклучиво на мене, а суштински се работи за многу поголем проблем кој може да предизвика вистински и мошне сериозни последици по цела Република Македонија.
Еуростандард банка била само алка во тој систем кој и денес функционира, а тој систем стручно беше објаснет од страна на господинот Драго Кос. Не ви го разбирам поривот, наместо да се зафатите со истражувачко новинарство, токму за споменатите 7 банки во извештајот, кои не ги споменав јас, туку господинот Драго Кос, се вртите кон мене.
Во извештајот се препознава дека не барав експертот да ме штити мене или мојата Еуростандард банка, бидејќи ние сме колатерала.
Те упатувам директно, за подетални информации, да му се обратиш токму на господинот Драго Кос.
Ме зачудува твојата изјава дадена со леснотија со која зафаќаш страна на Народна банка вмешана во овој мега-скандал во банкарскиот систем.
Сакам да те потсетам дека институцијата Народна банка треба да го штити и одржува банкарскиот систем, а не како во случајов полни две децении да прогледува низ прсти на т.н. тајкуни во банкарскиот систем на Македонија.
Јас сум свесен за можните последиците врз мене, после објавувањето на овој извештај, бидејќи севкупниот систем кој функционира во Македонија е комплетно контролиран од сивите еминенции кои денес владеат во Македонија. Во нормална правна држава јас ќе бидам награден и обештетен, не само во банката туку и за останатиот имот во Македонија, токму поради фактот што сакав да му ставам крај на незаконскиот систем, кој со години наназад бил практикуван во мојата банка БЕЗ МОЕ ЗНАЕЊЕ . Оној момент кога дознав, го сменив стариот управен одбор кој беше лиценциран од Народна банка со право да ја води банката. Да биде појасно, лиценците на управните одбори, надзорните одбори и директорите на секторите на банка, ги издава Народна банка. Стариот управен одбор не се соочи со одземање на лиценци бидејќи беше дел од шемите, а Народна банка многу добро знаела дека во банките се практикува недозволен начин на позајмици преку трансакциски сметки на правни и физички лица, многу често без знаење на сопствениците на овие сметки.
Јас кога дознав веднаш именував нов управен одбор со наредба за излегување од овие шеми и силно прибирање на одлеаните пари. Да ти биде јасно, трагата на парите не може да се скрие. Тоа е клучниот момент кога е донесена одлуката Еуростандард банка да се уништи по секоја цена.
Уште два податоци кои би требало да ти бидат интересни како новинар:
Првиот – по светски параметри највисоко рангирана ревизорска куќа Standard @ Poor`s, Македонија бележи пад на квалитетот во банкарскиот систем и тоа, во 2020 година рејтингот на Македонскиот банкарски систем е ББ+, во 2021 година е само ББ, а во оваа 2022 година е ББ-. Те молам прочитај што значи ова и кој е следниот пад во ова рангирање.
Вториот – Македонија е веќе со години меѓу водечките земји по организиран криминал и корупција во светот. Проучи што значи организиран криминал и корупција, бидејќи овој криминал не е на улица, туку се прави со институции и силни играчи во позадина.
На крајот завршувам, секој човек на земјината топка има свои доблести, ама има и слабости и јас не сум исклучок. Водењето на порталот Плусинфо врз кој имаш тотална контрола за мене е твој стил на работа. Во мојот три децениски стаж поминат надвор од Македонија, никојпат не сум се соочил со проблеми со кои се соочив тука во Македонија, напротив институциите во земјите каде што работев ме штитеа мене, мојот имот и мојот бизнис, а овде го доживеав спротивното
Моето CV ти е многу добро познато, би било упатно да извлечеш некои заклучоци за мене како личност.
Еуростандард банка е само последната капка што ја прели чашата во моето работење во Македонија.
Ти посочувам истражувачко новинарство, приватизацијата на „Градски аптеки” , процес кој бедно се заврши, по мене и за вработените во Градски аптеки. Имам уште минимум десетици примери и доколку времето ти дозволува те поканувам на средба да ти ги обзнанам и документирам“, пишува Костовски.