ВЛАДАТА ЗАСЕГА НЕ ПЛАНИРА ДА КУПУВА АВТОБУСИ ЗА СКОПЈЕ Проблемот со превозот треба да се реши со наменско трошење на парите во ЈСП
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека не е решение сега да почне набавката на нови автобуси која ќе заврши дури следната година, туку решението е во мобилизација во ЈСП со вистинско и наменско трошење на средствата кои скопјани му ги даваат на ЈСП
Владата засега нема план да купи нови автобуси за Скопје од државниот буџет. Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција рече дека проблемот што скопјани го имаат со јавниот градски превоз нема да се реши ако сега почне постапката за набавка на 250 нови автобуси, како што побара скопската градоначалничка Данела Арсовска.
– Ние стоиме на располагање да слушнеме план, да го поддржиме тој план, но ако е планот „гласајте да земеме кредит за да набавиме автобуси коишто ќе стигнат догодина“, тоа нема да го реши проблемот што денеска го имаат скопјани – рече премиерот во одговор на новинарски прашања во врска со недостигот на автобуси во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“.
Според Мицкоски, проблемот со автобусите во Скопје на брз рок ќе се реши само со мобилизација во ЈСП со вистинско и наменско трошење на средствата кои скопјани преку градската каса му ги даваат како субвенција на градското претпријатие.
– Но тоа не може да го стори Владата, туку Град Скопје, т.е. менаџментот на ЈСП – рече премиерот.
На новинарска забелешка дека набавката на 250 нови автобуси е дел од програмата на актуелната скопска градоначалничка, која ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа на локалните избори во 2021 година, Мицкоски одговори дека во времето кога биле во коалиција со независната кандидатка Арсовска, понудиле решение.
– Понудивме дури и компанија којашто ќе отвори фабрика, електрични автобуси, но тоа остана на иницијатива само на едната страна. Немавме соговорник и партнер од другата страна за сето ова да продолжи – рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека како Влада можат системски да ги решаваат проблемите, а не парцијално, односно да се направи пакет за сите општини, вклучувајќи го и Градот Скопје, кои имаат потреба од набавка на возила за организиран јавен градски превоз.
– Ако на Скопје му требаат 250 автобуси, за што се сложувам, сигурно и на другите градови во Македонија им требаат уште 250 автобуси. Им требаат и во Битола, Охрид, Кавадарци, Штип, Куманово итн. Ќе ги решаваме проблемите системски, во зависност од потребите, нема да останат нерешени – рече тој.