Владата за софтверот што го купил Рашковски за потребите на МВР: Не е синхронизиран со базите на податоци, ама ќе биде!

На прашање на Плусинфо дали јавната набавка на софтверот била направена во координација со МВР, од Владата велат дека системот е набавен според сите процедури за јавни набавки, во отворена постапка и дека тој е во сопственост на државата.

1,542

Генералниот секретаријат на Владата, додека прв човек беше Драги Рашковски, пред осум месеци купил софтвер за следење на сообраќајни прекршоци за потребите на Министерството за внатрешни работи (МВР), а за кој денеска опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека сè уште не бил ставен во функција и го повика Јавното обвинителство да го испита случајот за да се види како течел процесот на јавната набавка затоа што, како што наведуваат од партијата на Христијан Мицкоски, станува збор за потрошени народни пари, 81.000 евра, среде пандемија.

Опозицијата го обвини Драги Рашковски дека потрошил државни пари за софтвер кој не само што не е приоритет во време на пандемија, туку и не може да се користи, настрана што МВР постави камери на скопските сообраќајници уште во 2012 година преку проектот „Безбеден град“. Тогаш беа поставени стотина камери на најфрекфентните места, и на влезот и на излезот на Скопје. Целта беше да му озбезбедат на МВР поддршка за полесно справување со несреќите, за полесно да ги открие тие што ги прекршуват правилата, но и за анализа на густината на сообраќајот.






Снимките, од тие камери, како што ни објаснија, се обработуваат во оперативниот центар на МВР. Сите камери и снимки се поврзани со еден систем. Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, полицијата може да ги чува снимките до шест месеци, освен ако не се потребни за кривични или за прекршочни постапки.Токму поради функционалноста на овој систем, посочуваат од опозицијата, нејасно е зошто Владата спровела друг тендер за потребите на МВР, кој исто така се однесува на безбедноста во сообраќајот.

Јавната набавка била распишана пред две години во ноември. За овој тендер побаравме одговори и од МВР и од Владата од каде што ни одговорија дека постапката за набавката на овој систем била транспарентна, а во врска со тврдењата на опозицијата дека е неупотреблива, велат дека прво треба да се направат измени во законите кои ја регулираат оваа проблематика.

– Системот ќе биде ставен во функција кога за тоа ќе се извршат потребните синхронизации со базите на податоци од институциите кои треба да го надополнат неговото работење и потребните законски и подзаконски усогласувања – велат од Владата за Плусинфо.

И премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција ја искоментира набавката на софрверот. Тој рече дека веќе дал насоки да се расчисти целата работа околу распишувањето на тендерот.

– Тамам работа, исклучувам секаков сомнеж за набавката на софтверот. Постапката била планирана за 8 милиони денари, а е реализирана за 5 милиони денари од буџетот. За сè ќе има соопштение. Веќе дадов насока да се расчисти целата работа и јавноста наскоро ќе дознае како стојат работите – рече Заев.

За оваа јавна набавка која отвори повеќе прашања во јавноста затоа што била спроведена од генералниот секретеријат, а не од МВР под чија надлежност е санкционирањето на сообраќајните прекршоци, го прашавме и поранешниот министер за внатрешни работи Наќе Чулев.

– Одговорно тврдам дека додека ја извршував функцијата до мене не беше доставена информација за набавка на таков софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување казни. Дека била спроведена ваква набавка разбрав синоќа од медиумите. Тогаш актуелен беше договорот со израелската компанија за одржување на камерите, но и тој договор не го потпишав јас, туку тоа беше направено по моето заминување – вели Чулев за Плусинфо.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако пред јавноста ја отвори и дилемата зошто оваа владина набавка на софтвер кој треба да одредува брзина, регистарска табличка, локација и да регистрира прекршоци, што се во надлежност на МВР, а не на генералниот секреаријат, изрази и сомнеж дека во надлежното минисерство не биле ни информирани за ваков софтвер.

На прашање на Плусинфо дали јавната набавка била направена во координација со МВР, од Владата велат дека системот е набавен според сите процедури за јавни набавки, во отворена постапка и дека тој е во сопственост на државата.

– Системот е во сопственост на Република Северна Македонија, а понатаму може да биде предаден на користење на која било државна институција. Системот е независен од видот и типот на камерите кои се користат – се вели во одговорот од Владата.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, лани најави дека и на граничните премини ќе се инсталираат дигитални читачи на регистарските таблички, а дека со ригорозно ограничување на брзините во населените места и со камери на опремата на самите полицајци, Министерството за внатрешни работи ќе ги лови неправилностите во сообраќајот.

Тој тогаш објасни дека целта на тој проект е да нема селекција за тоа кој ќе ја плати казната за сообраќаен прекршок и да се воспостави дисциплина на возачите и безбеден сообраќај за сите граѓани. Овој проект почна да функционира во Скопје и во Тетово, а какви се резултатите очекуваме одговор од МВР.

Поврзани содржини