Владата донесе уредба за примена на законот за акцизите за време на вонредната состојба. Со уредбата се пропишува износот на акцизата на безоловен бензин со содржина на олово од 0.013 грама на литар, и дизел гориво, изјави на прес конференција владиниот портпарол Мухамет Хоџа.
– Уредбата е донесена за да се ублажат економските последици од зголемените трошоци за справување со вирусот ковид-19 и обезбедување средства за редовно сервисирање на буџетските потреби во вонредна состојба. Зголемувањето на акцизата нема да предизвика дополнителни финансиски имликации за правните субјекти и населението со оглед на големиот пад на цената на нафтата. Предложениот механизам овозможува постепено враќање на постојните износи на акцизи во услови на нормализирање на пазарот.
Цената на акцизата на нафтените деривати се зголемува за 3 денари – изјави Хоџа.
Според него, имајќи предвид дека има пад на цената на нафтата од 20 денари во период од 8 јануари до 6 април годинава имаме услови за зголемување на акцизата на нафтените деривати. Сите средства од зголемување на цената на акцизата на нафтата ќе одат во Фондот за справување со коронавирусот.
Промената на цената на акцизата е незначителна во споредба со падот на цената на нафтата. Хоџа вели дека тврдењата дека зголемувањето на акцизата ќе влијае негативно на цените и дека ќе трпи транспортот се финансиски неоправдани и неосновани .