Владата се жали дека новинарите ѝ прават хајка, па ги објави „тајните хонорарци“, се вртат суми и до 60.000 денари

Владата ги отфрла како неточни информациите дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер.“

1,782

Владата денеска ја објави листата на хонорарци, вкупно 55, кои, како што вели, биле тековно ангажирани преку авторски договори, „за специфични задачи кои не можеле да се обезбедат од редот на вработените“.

Листата на професионални соработници, како што информираат од Владата, потврдувала дека нема „тајни хонорарци“, туку транспарентно ангажирани стручни лица за извршување задачи за Владата преку кои институциите им служат на граѓаните. На списокот се и Ванчо Узунов, Петрит Сарачини и уште 53 други, а сумите на хонорарите се движат од 14.500 до 60.000 денари.






Листата е објавена, откако новинарите на „Призма“ (БИРН) направија истражување неодамна.

– Како што беше најавено во текот на минатата недела, Владата на Република Северна Македонија денеска ја објавува листата на лица кои се тековно ангажирани преку авторски договори за специфични задачи кои не може да се обезбедат од редот на вработените, откако претходно беа извршени консултации со Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер за модалитетот за заштита на личните податоци на соработниците опфатени со овие ангажмани – велат од Владата.

Листата е достапна во секцијата Отворена влада на владината веб-страница, односно на следниов линк: https://vlada.mk/angazmani-avtorski-dogovori .

– Точно се знае за што Владата ангажира физички лица надвор од редот на вработените, за кој временски период, за колкав финансиски надомест. Тие ангажмани се строго професионални и се реализираат во целост – се вели во денешното соопштение од Владата.

Оттаму објаснуваат дека„ внимателноста со која Владата постапила во овој случај, со вклучување на дополнителни консултации пред објавувањето на листата хонорарни соработници, била мотивирана исклучително заради заштитата на интегритетот и приватноста на ангажираните лица“.

– Во минатото сведочевме голем број организирани напади полни дезинформации, а дури и сега во конкретниот случај, сведочиме хајки преку одделни веб-портали и медиуми и на социјалните мрежи на лична основа и со обиди за загрозување на приватноста на граѓаните кои имаат чисти професионални договори за извршување задачи за Владата за поддршка на активностите кои се од интерес на граѓаните. Уште еднаш категорично ги отфрламе сите дезинформации дека наводно исти лица биле вработени во Владата и во исто време добивале хонорар. Тоа не е точно бидејќи е недозволиво вработени во Владата да бидат и хонорарно ангажирани од Владата – се вели во сооштението.

Владата ги отфрлаат и како неточни и информациите дека станува збор за луѓе кои биле платени да споделуваат постови на „Фејсбук“ или „Твитер.“ Тоа, велат, е лага измислена и раширена токму од оние центри кои користат „ботовски” системи за ширење лажни вести, а Владата е противник на таквото нечесно манипулирање со граѓаните.

 

Поврзани содржини