ВЛАДАТА СЕ РЕКОНСТРУИРА Муртезани откри кој ќе биде новиот вицепремиер

Министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива (дел од ВРЕДИ), Орхан Муртезани изјави дека нема да има предвремени парламентарни избори.

3,684

Министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива (дел од коалицијата Вреди), Орхан Муртезани, изјави дека предвремени парламентарни избори следната година нема да има, бидејќи, како што вели, владата функционира стабилно и нема никаква потреба за ново политичко надмудрување.

Во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1, Муртезани нагласи дека владејачкото мнозинство од 76 пратеници е цврсто и дека секој обид за дестабилизација е осуден на неуспех.






– Ова намерно се лансира од страна на ДУИ, но тој дискурс веќе неколку пати беше неуспешен. Велеа дека нема да направиме влада, направивме. Потоа дека нема да траеме ни 100 дена, поминаа. Сега зборуваат дека ќе ја соборат владата, но ние продолжуваме да победуваме и да владееме – изјави Муртезани.

Тој нагласи дека предвремените избори би ја забавиле реализацијата на клучните владини проекти, чии резултати се очекуваат во 2026 година.

– Ако одиме на избори, ќе изгубиме цела година. Засега нема никаква потреба од тоа – додаде министерот.

Во врска со најавите за можни реконструкции на владата до крајот на годината, Муртезани потврди дека ќе има промени во случај дел од актуелните министри да станат градоначалници.

– Не е сигурно дали ќе биде реконструкција во вистинска смисла, но одредени промени ќе има. Ќе треба нов министер за животна средина и нов министер за демографија, труд и млади – изјави тој.

Муртезани потврди дека функцијата прв вицепремиер ќе ја преземе Беким Сали, актуелен пратеник и поранешен министер за здравство, кој ќе ги наследи надлежностите на Изет Меџити.

Муртезани остро ја критикуваше реториката на ДУИ, обвинувајќи ја партијата на Али Ахмети за потпалување националистички страсти со цел да се покрие, како што вели, „неспособноста и корупцијата“.

– ДУИ 22 години не успеа да направи ни канализација во своето село. Кога немаат резултати, од конкретни проекти преминуваат во навреди и подгревање на страстите. Ние нема да го спуштиме нивото, дури и кога имаме морално право пожестоко да одговориме – истакна Муртезани.

Тој додаде дека ВРЕДИ ќе продолжи со позитивна и развојна кампања, фокусирана на проекти, буџети и конкретни решенија.

На прашањето дали поддршката на ВМРО-ДПМНЕ им помага или одмага на кандидатите на Вреди, Муртезани нагласи дека такви соработки постоеле и во минатото, кога ДУИ била дел од владата со Никола Груевски, а потоа и со СДСМ.

– Ние не правиме ништо што не е видено досега. Овој начин на соработка е дел од политичката традиција во Македонија – порача министерот.

Поврзани содржини