ВЛАДАТА ПРОТИВ АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО Прочистувачи на воздух стигнуваат во 49 општини!

Државата инвестира 1 милион евра во прочистување на воздухот во училишта и градинки.

127

Во рамки на новата стратегија за борба против аерозагадувањето, Владата на Република Северна Македонија денес потпиша договор со 49 општини за трајно користење на напредни системи за прочистување на воздухот, во вкупна вредност од 1.000.000 евра. Прочистувачите се донација од реномираниот германски производител MANN+HUMMEL и ќе бидат инсталирани во училишта, градинки и други јавни институции каде престојуваат најранливите категории на граѓани — децата и младите.

„Иницијативата е насочена кон општините идентификувани како најзагрозени според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на воздухот за периодот 2022–2024 година. Високо ефикасните мобилни уреди се сертифицирани со HEPA H14 филтри кои отстрануваат до 99.995% од вируси, бактерии и микроорганизми, во согласност со стандардите EN 1822 и ISO 29463“, велат од владината прес-служба.






Според соопштението на Владата, уредите ќе бидат поставени во објекти како што се основни и средни училишта, градинки, болници и јавни установи, каде континуирано ќе обезбедуваат циркулација на прочистен воздух и значително ќе ја намалат можноста за пренос на заразни болести.

Анализите покажуваат дека суспендираните честички PM10 и PM2.5 и понатаму ги надминуваат граничните вредности за заштита на здравјето, иако некаде веќе е регистриран напредок. На дел од мерните станици, просечните годишни вредности се под дозволените 40 μg/m³, што е резултат на системските мерки што се спроведуваат на локално и централно ниво.

„Владата останува цврсто посветена на реализација на Програмата за подобрување на квалитетот на воздухот 2024–2030, со фокус на долгорочни и одржливи решенија. Успехот на оваа програма зависи од заедничката акција на сите – институциите, општините и граѓаните“, се наведува во соопштението.

Поврзани содржини