ПРИОРИТЕТ Е ЦЕНТРАЛИЗИРАН СИСТЕМ ЗА ЗАТОПЛУВАЊЕ НА ДОМОВИТЕ И НА ОБЈЕКТИТЕ Мицкоски сака да го реши и одлагањето на отпадот
Премиерот како една од можностите за намалување на загадувањето на воздухот ја посочи и гасификацијата која предвидува гас да се донесе до секој дом и тој да се користи за затоплување на домовите.
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека досега речиси ништо не е направено во борбата за почист воздух и почиста животна средина, но вели дека Владата презема драстични мерки за почиста животна средина.
Во обраќањето на денешната надзорна расправа за аерозагадувањето рече дека проблем не е само загадениот воздух, туку и одлагањето на отпадот, и обезбедувањето питка вода за пиење, а како решенија ги наведе далечинското затоплување на домовите изградбата на когенеративни гасни централи и гасификацијата.
– Што се однесува до Владата, можам да се согласам со најголемиот дел од тезите кои што ги кажавте и можам да се согласам со тоа дека изминатите децении малку или речиси ништо не е направено во делот на борбата за почист воздух. Но, исто така и во делот на средување на животната средина во која што живеат граѓаните, тука пред сѐ мислам на организирано одлагање на отпад. Но, не само тоа, тука мислам на прочистување на отпадните води, тука мислам на обезбедување питка вода за пиење за населението, организирани системи за одведување отпадни води и кога целосно би се организирала државата тогаш можеме да заклучиме дека станува збор за навистина акутен проблем кој што е децении стар и преку ноќ не може да се реши – рече тој.
Во однос на загадениот воздух Мицкоски истакна дека најголем причинител за таквата состојба е системот на затоплување на домаќинствата, јавните и индустриски објекти, а решение е далечинското затоплување.
– Можам да кажам дека ова е еден од главните приоритети и ќе продолжиме во таа насока да се бориме, посебно во делот на обезбедување централизиран систем за затоплување на домовите, јавните објекти и дел од индустриските капацитети. И како тоа ќе го правиме најчесто тоа може да се реши со изведба на таканаречени когенеративни гасни централи кои што можат да служат и за производство на електрична енергија и за производство на топлина. Но, за сето тоа да се случи потребна е и подземна инсталација за да може таа топла вода да дојде до домаќинствата, до јавните објекти и до индустриските објекти – дециден е Мицкоски.
Мицкоски како една од можностите за намалување на загадувањето на воздухот ја посочи и гасификацијата која предвидува да се донесе гас до секој дом и да се користи за затоплување на домовите.
– Како можеме да го направиме тоа? Само со организиран настап. Вториот начин е, ако гледаме парцијално на проблемите, за што не сум голем поборник, е да субвенционираме инсталирање на инвертер клима уреди, или пак субвенционирање на топлински пумпи, кои што би ги вградиле во своите домови, а со кои што тие понатаму би продуцирале затоплување и ладење на домот. Кога станува збор за затоплувањето, јас сум повеќе за далечинско затоплување, можеби ќе треба повеќе време но кога тоа ќе се заврши тоа значи дека сигурно имаме далечинско затоплување и сигурно имаме најевтин ресурс за затоплување на нашите домови – рече тој.
Според премиерот, акутен проблем кој влијае на загадувањето на животната средина и воздухот е одлагањето на отпадот.
– Тие се многу важни и многу значајни, бидејќи во државата би рекол имаме стотици или илјадници диви депонии во кои за жал на несовесен начин се одлага сметот, наместо да имаме еден организиран или неколку организирани системи кои што ќе ги користиме за да го одлагаме тој смет – рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека Владата презема драстични мерки за почиста животна средина.
– Како Влада преземаме драстични мерки во таа насока, посебно тука би сакал да го споменам проектот кој се однесува на финансирање и реалокација на средства од централниот буџет кон општините за финансирање проекти кои што би значеле токму ваков начин на обезбедување поздрава животна средина, меѓу кои и обезбедување вода за пиење преку водоснабдителни системи, посебно од руралните населени места. Ретко каде имаме обезбедена вода за пиење, а речиси и никаде немаме организиран систем за одведување на отпадните води, а да не зборам за нивен третман – рече Мицкоски.