Владата попушти: Го повлече законот за дигитализација на образованието
Информацијата за повлекувањето на законот преку Фејсбук ја сподели Драгана Спасевска од иницијативата „Учебници и настава мора да има“. За повлекувањето на законот Иницијативата била информирана со писмо од претседателот на Собранието Талат Џафери.
Министерката за образование и наука Мила Царовска и Владата го повлекле законот за дигитализација на образованието, по неколкумесечниот отпор на граѓаните и на иницијативата „Учебници и настава мора да има“ кои одржаа и неколку протести.
Информацијата за повлекувањето на законот преку Фејсбук ја сподели Драгана Спасевска од иницијативата „Учебници и настава мора да има“ . За повлекувањето на законот Иницијативата била информирана со писмо од претседателот на Собранието Талат Џафери.
„Денес, 30 Јуни 2021 (Среда), добивме официјално известување од Претседателот на Собранието дека Владата го повлекува законот за учебници и други наставни материјали во основното и средното образование, а со тоа одржување на референдум не е потребно.
Денес покажавме и докажавме дека како граѓани можеме да учествуваме во одлучувањето за важни работи за нас, за нашите деца и за нашата заедничка иднина. Денес докажавме дека знаеме, можеме и умееме како обични граѓани да дејствуваме и да ги заштитиме нашите права и правата на нашите деца.Докажавме дека можеме непосредно и директно да учествуваме во работата на Собранието и Владата на Македонија.
Оваа битка ја извојувавме, сепак оваа битка е само еден чекор во борбата која следи. Имаме уште многу работа пред нас со цел да им обезбедиме здрава иднина на нашите деца, нашите внуци и сите следни генерации. Овој ден е веќе запишан во историјата на Македонија!!! Ве повикувам сите заедно да се потрудиме вакви денови да има повеќе. Ве повикувам сите заедно да ја пишуваме историјата која ќе ја читаат нашите деца, нашите внуци и сите следни генерации. Ве повикувам сите заедно да оставиме зад нас спомени вредни за паметење и раскажување .
Продолжуваме со Граѓанската иницијатива за интервенции и измени во концепцијата за основно образование, Законот за образование и сите останати закони кои го уредуваат образованието во државата со една и единствена цел „Образовни реформи по мерка на ученикот“, напиша Спасевска на Фејсбук.