ВЛАДАТА ОБЕЗБЕДИ АВИОН ЗА ЕВАКУАЦИЈА НА МАКЕДОНЦИТЕ ОД ИЗРАЕЛ Летот за нив ќе биде бесплатен
За овој чартер-лет изнајмен е авион на „Ер Србија“, а ќе биде платен од резервите на државниот буџет, информира МНР.
Обезбеден е директен лет од Тел Авив до Скопје за евакуација на македонските државјани кои се затекнаа во Израел среде војната. Тие веќе утре треба да се на безбедно и во своите домови.
Ова го напиша премиерот Димитар Ковачевски на социјалните мрежи откако претходно министерот за надворешни работи Бујар Османи кажа дека осумдесетина македонски државјани кои побарале помош ќе бидат вратени дома.
Летот ќе се реализира со авион на Air Serbia, а премиерот Ковачевски ѝ се заблагодари на премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, за помошта во обемната дипломатско-конзуларна акција.
За ова исто така информираше МНР во соопштение.
„Согласно одлуката донесена од страна на Владата на Република Северна Македонија, организиран е авионски превоз со чартер-лет, на релација Тел Авив – Скопје, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаат да го напуштат Израел, и кои побарале да се вратат во Северна Македонија. Во услови на целосно откажани летови и блокиран авиотранспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер-лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“ за транспорт на граѓаните кои побарале помош. Авионскиот превоз кој ќе биде организиран во текот на утрешниот ден, ќе биде бесплатен за граѓаните кои побарале помош, и ќе биде покриен од резервите на Буџетот на Република Северна Македонија.
Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво – Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.
Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија. Амбасадата и Министерството за надворешни работи остануваат отворени за сите прашања врзани со оваа проблематика“ – се вели во соопштението на МНР.