ВЛАДАТА НЕ ВОДИ КОН БАНКРОТ Левица тврди дека со ребалансот долгот ќе биде двојно поголем од приходите
Пресметките на партијата се дека до денес, владата на СДСМ и ДУИ потрошила 1.325,5 милиони евра за плати, пензии, стоки, услуги и други расходи, додека реализацијата на капиталните инвестиции е многу ниска и изнесува 96,5 милиони евра или 15,54 отсто од планираните.
Лавица тврди дека јавниот долг на земјава ќе биде двојно поголем од приходите кои ги остварува економијата, а со новото задолжување од 900 милиони евра кај Меѓународниот монетарен фонд секој граѓанин ќе биде задолжен со дополнителен долг.
– Јавниот долг на 31.12.2021 година изнесува 7,135 милијарди евра или 60,8 отсто од БДП, додека вкупните приходи во Буџетот се проектирани на 3,878 милијарди евра. Ова значи дека секој граѓанин веќе должи 3.567 евра. Со новите задолжувaња, јавниот долг ќе биде двојно поголем од приходите. Со ребалансот на буџетот, кој се очекува да влезе во собраниска процедура во мај, проекцијата за економскиот раст за 2022 година ќе се ревидира надолно, за околу 30 отсто од првичниот план (4,6 отсто од БДП) и ќе изнесува околу 3,2 отсто, а буџетскиот дефицит, според првичните проценки од планираните 4,3 отсто ќе надмине 6 отсто. Ќе се зголеми и јавниот долг, од сегашните 60,8 отсто проценките се дека ќе достигне 63,5 отсто – појаснуваат од Левица.
Од партијата додаваат и дека, додека беше во опозиција, СДСМ алармираше дека јавниот долг влегува во ризични размери, кој во 2016 година изнесуваше 50 отсто од БДП.
– Иако тогаш најавуваше ревизија на сите задолжувања, владата на СДСМ единствено покажа расипничко и непродуктивно трошење на државните пари за сопствени корумпирани интереси. Владата ја носи Македонија во бездна и во оваа безизлезна ситуација која ја наметна, државата е на добар пат да банкротира, поради енормниот раст на јавниот долг и новите задолжувања, кои се користат ненаменски. Власта и понатаму ги троши народните пари за непродуктивни расходи и главно го одржува своето гласачко тело преку енормно партизираната администрација, место да започне со ветените реформи за поефикасна јавна администрација – велат од Левица.
Пресметките на партијата се дека до денес, владата на СДСМ и ДУИ потрошила 1.325,5 милиони евра за плати, пензии, стоки, услуги и други расходи, додека реализацијата на капиталните инвестиции е многу ниска и изнесува 96,5 милиони евра или 15,54 отсто од планираните.
-Она што дополнително ја разобличува неспособноста на оваа владејачка гарнитура е тоа што при подготвувањето на Буџетот, воопшто не е предвиден посебен план за задолжување кој би го одобрило, односно усвоило Собранието на РМ.Ова значи дека оваа влада, со историски најниска реализација на капитални проекти, нема никаква визија за сервисирање на јавниот долг и рационално менаџирање со парите на граѓаните. Владата нема методологија за селекција на проектите, ниту пак следење и надзор врз нивната реализација, што директно влијае врз ефикасното користење на буџетските пари и со тоа управување со јавниот долг – велат од партијата.
Оттаму додаваат дека Левица ќе води политика на зголемување на капиталните инвестиции и нивно поефикасно искористување, наместо недомаќинско трошење на државните финансии.
– Од позиција на власт, Левица како единствена автентична работничка партија, прогресивно ќе ја оданочи олигархијата и нивните профити, со што буџетскиот дефицит конечно ќе се намали и ќе се достигне фамозната фискална консолидација, која власта со години ја најавува – велат од Левица.