ВЛАДАТА НЕ ДОНЕЛА ОДЛУКА ЗА ПАРКИНГОТ ВО КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР Мицкоски вели дека се бараат начини да се напаѓа Владата
Ако ние бараме начин како да ја напаѓаме владата за нешто што не се случило, тогаш можеме и да измислуваме работи. Но јас ви кажувам дека таква одлука нема донесено владата - подвлече премиерот.
Владата нема донесено таква одлука и не знам од каде е таа информација, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарско прашање по објавите за избор на фирмата „Ѓока констракшн“ преку јавно-приватно партнерство да гради и да управува со паркингот во Клинички центар во Скопје. Мицкоски посочи дека при изборот ќе се земат предвид бонитетот и кредибилитетот на компанијата.
– А што ќе земеме предвид? Во предвид ја земаме тендерската спецификација и се разбира, фирма што нема кредибилитет, нема бонитет, ниту технички карактеристики, нема да биде избрана и тука сето тоа завршува. Бидете сигурни. Јас разбирам дека има потреба од сензација, напад кон Владата, но оваа влада работи поинаку од досегашниот принцип, односно одлуките кои оваа Влада ги носи се исклучиво во интерес на граѓаните и нема да биде поинаку. Така што, бидете сигурни секоја одлука којашто ја носи оваа влада е исклучиво во интерес на граѓаните – рече Мицкоски при денешната посета на населбата Драчево во општина Кисела Вода.
Според него, оваа информација е измислена за да се напаѓаат владата и нејзината работа.
– Ако ние бараме начин како да ја напаѓаме владата за нешто што не се случило, тогаш можеме и да измислуваме работи. Но јас ви кажувам дека таква одлука нема донесено владата – подвлече премиерот.
Во врска со ова прашање, министерот за здравство Арбен Таравари претпладнево изјави дека договорот ќе биде потпишан доколку по првичната помината процедура помине уште неколку филтри.
– Не е потпишан. Паркингот на Клиничкиот центар секогаш прави многу нервоза. Ако за понудата, еве слушам, секогаш многу ми значи јавноста што ќе каже, ако ми кажат дека нешто не е во ред, пуштено е и во Влада, ако и таму ми кажат дека има одредени пропусти, нема да имаме ништо. Ќе го поништиме, ќе објавиме нов, но само ќе изгубиме една година – рече Таравари одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Клиниката за инфективни болести.
Таравари појасни дека рокот за стопанисување со паркингот не е 20 години, како што е предвидено со физибилити студијата и нема да биде повеќе од седум до 10 години.