Исто како и во јануари 2018 година, кога министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вети дека парите за изградба на карго-аеродоромот во Штип ќе се пренаменат за јавни добра, во најголем дел за изградба на канализација, така и сега, новата влада на Зоран Заев ветува дека парите со кои ТАВ, концесионерот на двата македонски аеродроми, требаше да го изгради аеродромот во овој град, ќе се пренаменат за изградба на канализации, водоводи, училишта, болници и општински згради.
Станува збор за сума од околу 50 милиони евра. Владата допрва ќе одлучува за кои проекти ќе се трошат парите кои ТАВ имаше обврска да ги инвестира во карго аеродром, но во последен момент реши дека таков инфраструктурен зафат во Штип ќе нема економска оправданост.
– Ние се согласуваме со оваа одлука на владата и бидејќи ја сакаме Република Северна Македонија, во наш бенефит е наместо тие пари да се вложат во карго аеродром во Штип, кој ќе нема голем економски бенефит за земјата, тие средства да се релоцираат за проекти кои што ќе имаат корист и бенефит за граѓаните – рече Алпер Ерсој, генерален директор на ТАВ Македонија.
Од ветувањето на Сугарески не бидна ништо. Останува да се види дали новото ветување ќе се оствари.