ВЛАДАТА ИМА ЛЕГИТИМИТЕТ, НЕ НИ ТРЕБААТ НОВИ ТРОШОЦИ Меџити ѝ порача на опозицијата да заборави на предвремени избори
Кандидатот за градоначалник на Чаир од коалицијата Вреди, Изет Меџити, изјави дека сите шпекулации за предвремени избори се неосновани и дека фокусот останува на локалните избори.
Кандидатот за градоначалник на општина Чаир од коалицијата Вреди, Изет Меџити, денеска одговори на новинарско прашање за можноста по локалните избори да се одржат и предвремени парламентарни избори.
Во својата изјава, Меџити потенцира дека ваквите шпекулации немаат реална основа и дека Владата има полн легитимитет и конкретни задачи што треба да ги реализира.
– Некој сака да лаже, да го мотивира својот електорат дека ова се локални избори и по локалните избори ќе одиме на парламентарни избори. Мислам дека кога овие луѓе од АКИ ќе ги видат резултатите од локалните избори, ќе заборават на парламентарните избори – рече Меџити.
Тој додаде дека времето и ресурсите треба да се насочат кон локалните процеси и подобрување на животот на граѓаните, а не кон создавање непотребни политички тензии.
– Сега сме фокусирани на локалните избори. Владата има легитимитет, има бројки, има задачи пред себе, има програма пред себе и нема потреба да правиме дополнителни трошоци за предвремени парламентарни избори. Изборите ќе бидат регуларни кога ќе бидат закажани – изјави Меџити.
Изјавата на Меџити доаѓа во момент кога во јавноста повторно се актуелизираат шпекулациите за можни предвремени парламентарни избори, но тој подвлече дека приоритет е конкретната работа за граѓаните и исполнувањето на преземените обврски.