ВЛАДАТА ГО СКУСИ КАРАНТИНОТ Доволни се 7 дена, плус 3 дена строги мерки на заштита

Вакцинираните и прележаните кои биле во близок контакт со заразени лица ќе бидат ослободени од обврската за изолација, за разлика од другите, за кои блискиот контакт ќе значи седумдневна изолација.

917

Владата на РСМ соопшти дека донела одлука за намалување на периодот на изолација за лицата кај кои лабораториски е утврдено присуство на ковид-19, како и периодот на самоизолација/карантин на лицата кои биле во близок контакт со потврден случај со ковид-19.

Согласно овие препораки, на лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои не развиле симптоми на болест односно се асимптоматски случаи на ковид-19 им се одредува домашна изолација од 7 дена од денот на тестирањето. По завршување на периодот на изолацијата, потребни се дополнителни 3 дена строго почитување на мерките за лична заштита (носење заштитна маска N95/FFP2 при престој во затворен простор со други лица, или на отворено кога не може да се држи растојание од 2 метри, честа дезинфекција на раце, избегнување на групирање).






За лицата кои се лабораториски потврдени на ковид-19 (со PCR тест или со брз антингенски тест), а кои развиле клиничка слика соодветна на вирусот, односно се симптоматски случаи, да им се одредува изолација 7 дена од денот на тестирањето плус 3 последователни денови доколку лицето е без зголемена телесна температура.

Според овие промени, лицата кои имале блиски контакти на потврдени случаи на ковид-19 се упатуваат во домашна самоизолација/карантин во траење од 7 дена од денот на последниот контакт со потврдениот случај, а по завршување на периодот на самоизолацијата/карантинот потребно е дополнителни 3 дена строго да ги почитуваат мерките за лична заштита. Исклучок од мерката домашна самоизолација/карантин да има за оние лица кои исполнуваат еден од следните критериуми:

– Вакцинирани со ковид-19 вакцина со две или три дози, а од последната доза не поминале повеќе од шест месеци;

– Прележани со ковид-19, а позитивниот тест да не е постар од шест месеци;

Лицата кои се блиски контакти, а кои заради исполнување на горенаведените критериуми се исклучени од самоизолација/карантин, задолжително треба да ги почитуваат мерките за лична заштита во период од 10 дена од последниот контакт со потврдениот случај.

Датумот на последниот контакт со потврдениот случај се смета за нулти ден.

Поврзани содржини