Владата го повлече Законот за легализација на дивоградбите, ќе прави нов
Министерството за транспорт и врски ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки, се вели во известуањето од владината прес служба.
Владата го повлече Законот за легализација на бесправните објекти, кој неодамна одби да го потпише претседателот Стево Пендаровски.
„Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 74-та седница одржана преку видеоконференциска интернет врска, врз основа на известувањето за спроведените активности поднесено од Министерството за транспорт и врски донесе Одлука за повлекување на Законот за утврдување правен статус на бесправно изградени објекти, кој се наоѓа во собраниска процедура.
Во известувањето, кое го прифати Владата беше изнесено дека во изминатиот период ресорното министерство (МТВ) организираше работни средби со претставници на комори и асоцијации од областа на градежништвото, урбанизмот, претставници на граѓанскиот сектор и учествуваше во јавни дебати организирани од страна на останати субјекти, на кои беа дадени забелешки за одредени законски решенија и предлози и сугестии за нивно доуредување.
Министерството за транспорт и врски ќе изработи нов Предлог-закон за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти, согласно дадените забелешки“, се вели во известуањето од владината прес служба.