ВЛАДАТА ГО ОМАЛОВАЖУВА ДЕНОТ НА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА На споменикот на Гоце Делчев ќе положи цвеќе „координатор за интеркултурализам“
Во владиното соопштение нема известување како другите високи функционери на Владата, вклучувајќи го премиерот Димитар Ковачевски, ќе оддадат почит по повод Денот на македонската револуционерна борба.
На Денот на македонската револуционерна борба, празник на кој се одбележува историскиот стремеж на македонскиот народ за политичко и национално ослободување и државност, Владата на Република Северна Македонија ќе биде застапена со крајно скромна делегација предводена од „координатор за интеркултурализам“.
„Ве известуваме дека „по повод одбележувањето на „23 Октомври – Ден на македонската револуционерна борба”, владина делегација составена од Роберт Алаѓозоски, национален координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка и Драган Василевски, советникот за одбрана на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, на ден 23.10.2023 годинa (понеделник) од 11:00 часот ќе положи свежо цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во Градскиот парк, Скопје“ – се вели во соопштението од Владата.
Во владиното соопштение нема известување како другите високи функционери на Владата, вклучувајќи го премиерот Димитар Ковачевски, ќе оддадат почит по повод Денот на македонската револуционерна борба. Таква информација, засега, нема ниту од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Празникот 23 Октомври се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Имено, на 23 октомври 1893 година во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов во Солун се состанале шестмина млади револуционери за да ги поставаат основите на тоа што подоцна ќе стане симбол и знаме на борбите на Македонците за слобода. Основоположниците биле: Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев. Тие основале конспиративна група, нарекувајќи ја Македонски револуционерен комитет.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинденското востание во 1903 година и Крушевската република, а потоа и преку НОБ во Втората светска војна резултираше со создавање современа, самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност.
Денот на македонската револуционерна борба како државен празник се празнува од 2007 година кога беше донесен и изгласан новиот Закон за државни празници. СДСМ тогаш се спротистави на прославувањето на овој ден, нарекувајќи го „партиски роденден на ВМРО-ДПМНЕ“. Но, бидејќи законот никогаш не беше изменет, празникот се празнува, тој ден е неработтен, но Владата, како што гледаме, го празнува неволно, со „низок интензитет“ и се обудува да го деградира испраќајќи пониски функционери да положат цвеќе на еден од доајените на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев.