Кој живее во куќа, во двор ќе го шета кучето – одлуката на Владата ги налути граѓаните

Работам до 19 часот, кога ќе си дојдам дома, кога ќе го прошетам кучето? Полицискиот час почнува во 20 часот. Оваа одлука на Владата не е разумна и требаше да важи за сите оние кои имаат домашни миленици, а не само за тие што живеат во станови, вели една скопјанка.

4,560

По одлука на Владата за време на полицискиот час кој почна вчера и ќе трае до 20 април, сопствениците на домашни миленичиња ќе може да ги изнесат надвор од 22 до 23 часот, но не и тие кои живеат во куќи.

Оваа одлука на Владата предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, токму кај сопствениците на миленици кои живеаат во куќи и зошто тие се изоставени од оваа мерка, иако лани за време на целодневните карантин тие во три периоди од денот можеa да ги шетаат своите миленици.






– Работам до 19 часот, кога ќе си дојдам дома, кога ќе го прошетам кучето? Полицискиот час почнува во 20 часот. Оваа одлука не е разумна и требаше да важи за сите кои имаат домашни миленици, а не само за тие што живеат во станови – се жали една скопјанка.

Друг посочува дека не му е јасно зошто сите не се вклучени во ваквата одлука, затоа што тој својот миленик го води на прошетка токму во тој период од денот.

– Иако живеам во куќа, јас моето куче веќе 12 години колку што го имам, без разлика на кое годишно време го шетам секој ден околу 22-23 часот и сега ќе треба тоа да го сторам пред полицискиот час, а со тоа му ги менувам навиките кои ги имаме стекнато – вели скопјанец.

Oдлуката од 63-тата седница на Владата на Република Македонија која се однесува на домашните миленичиња (кучиња), гласи дека сите граѓани кои живеат во станбени објекти за колективно домување, ќе можат да ги изнесуваат надвор во вечерните часови од 22 до 23 часот, најмногу до 100 метри од објектот каде шро живеат.

На прашање од Плусинфо, зошто оваа одлука не важи за сите сопственици на миленичиња, од прес-службата на Владата добивме краток одговор, бидејќи куќите имаат дворски дел.

Но, не сите куќи имаат дворски дел, па да можат да ги пуштат кучињата да се движат слободно и со тоа да се задоволи нивната потреба за прошетка. Секако, не сите кучиња може со тоа што ќе бидат пуштени во дворот да го надоместат шетањето надвор од него, се жалат граѓаните.

– Имам германски овчар кое има потреба од подолго шетање, па со новата одлука малку повеќе сме ограничени, работам до 17 часот, да купам нешто за дома, да ручам и кога ќе видиш останува малку време до почетокот на полицискиот – навел еден граѓанин на социјалните мрежи, каде своето незадоволство од одлуката на Владата го споделуваат и други љубители на миленици.

Поврзани содржини