Владата ќе расправа за новиот пакет мерки, а Собранието за законски измени за справување со ковид-19
Сите економски оператори да работат до 23 часот, ограничување на капацитетот во јавниот превоз до 50 отсто, забрана на јавни настани и препорака до целата државна и јавна администрација, до општините и судовите, согласно механизмот на работа, работниот процес да се одвива во смени или онлајн од дома, или пак редуцирано со систем на ротации и секоја од институциите согласно карактеристиките на работниот процес, се пакет мерките за намалување на бројот на новозаболени од ковид-19, кои денеска на седница на Владата ќе ги предложи министерот за здравство Венко Филипче.
– Значи, оваа е единствена законска измена што ќе даде можност за сите овие други мерки да се прифаќаат од Владата без дополнителна измена во законот. Треба мнозинство од 61 пратеник. Јас не очекувам да трае целиот тој процес повеќе од неколку дена. Верувам дека до крајот на неделата овие мерки ќе бидат во сила – изјави вчера Филипче.
Вирусот е многу проширен насекаде, посочи Филипче и додаде дека значително се зголемува бројот на заболени, а болниците се исполнуваат.
Тој истакна дека се уште не се сместени пациенти во модуларната болница до Инфективната клиника, иако таа е целосно подготвена, кадарот е подготвен, како и интернистите кои доаѓаат по системот на ротација и медицинските сестри.
– Во болницата „8 Септември“ целокупниот персонал работи на оваа проблематика и интернисти и анестезиолози коишто работат заедно со инфектолозите. Веќе се исполнија инфективните одделенија во Струмица, понатаму во Куманово, Штип, почнува да се ангажираат капацитетите во болницата во Кочани. Нема место во болницата во Прилеп и уште едно крило е отворено во болницата во Битола во целиот овој регион, а забрзано се пополнува и капацитетот на болницата во Гостивар – рече Филипче.
Тој им порача на граѓаните дека ситуацијата е навистина сериозна, дека следен чекор би бил целосно ограничување на движењето односно полициски час.