Владата ќе распише нов тендер за ордржување на софтверот по раскинување на договорот на Рашковски со „Инвока гроуп“
До завршување на редовната постапка на тендерот, ќе биде избрана нова фирма без оглас и со договор „во четири очи“.
Владата ќе го раскине Договорот за одржување на софтвер за полагање испити на државните институции склучен со друштвото „Инвока гроуп“ и ќе распише нов јавен оглас за избор на фирма, соопштија денеска владините портпароли.
До завршување на редовната постапка за јавна набавка, Владата ќе избере фирма која ќе го одржува софтверот во договор „во четири очи“, без распишување на оглас.
-Генералниот секретар на Владата согласно Законот за јавни набавки ќе треба да побара од Бирото за јавни набавки согласност за спроведување на постапка со преговарање без јавен оглас и да склучи договор со оператор со времетраење до завршување на редовната постапка за јавна набавка и склучување на нов договор за набавка на услуги – одржување на софтвер за полагање испити на државните институции – рече портпаролот Душко Арсовски.
„Инвока груп“ која е вмешана во процесот кој се води против поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски досега го одржуваше софтвер за полагање испити на: Министерство за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за економија, Министерството за транспорт и врски, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за животна средина и просторно планирање, Комисија за хартии од вредност, Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Царинска управа, Агенција за катастар на недвижности, Инспекциски совет и Академија за судии и јавни обвинители.
Договорот за одржување на софтвер за полагање испити на државните институции со „Инвока гроуп“, е потпишан на 11.8.2020 година.
Сопственикот на фирмата „Инвока“ Даниел Станчевски е второобвинет во случајот за набавка на сообраќаен софтвер заедно со поранешниот генерален секретар на Владата.