ВЛАДАТА ЌЕ ЈА СОПРЕ ПОСТАПКАТА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ НА ДРЖАВНИОТ ОБВИНИТЕЛ КОЦЕВСКИ Мицкоски смета дека ЈО треба да преразгледа и други несреќи од минатото
Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителнатата ситуација во општеството, планираме постапката за разрешување да ја застанеме во онаа фаза во која сега се наоѓа. Цениме дека на обвинителите кои работат, особено во Кочани, треба да им дадеме шанса да сработат, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Владата ќе ја сопре постапката за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање. Тој рече дека е задоволен од добрата координација на Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство што резултираше со 34 осомничени лица по пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Мицкоски потсети и дека освен за Кочани, каде загинаа 59 лица, а 200 се повредени, јавноста е чувствителна и на други случаи од минатото, па во овој период е важно како ЈО ќе се однесува кон нив.
– Во овој момент, имајќи ја предвид чувствителнатата ситуација во општеството, планираме постапката за разрешување да ја застанеме во онаа фаза во која сега се наоѓа. Цениме дека на обвинителите кои работат, особено во Кочани, треба да им дадеме шанса да сработат. Задоволни сме, има заедничка акција меѓу МВР и ЈО која резултираше со 34 осомничени лица. Случајот ќе се проширува, ќе биде опфатен секој за кој има и најмал соммеж за поврзаност со овој случај. Но, јавноста е чувствителна и на некои случаи од минатото. Да видиме, да почекаме дали ЈО има амбиција да ги разгледа, да констатира некои неправилности и дали би можело повторно да ги разгледува, па да видиме дали навистина сме сите за правда или за селективна правда. Го охрабруваме ЈО да се движи во таа насока и секој што направил грешка, да биде казнет – рече премиерот Мицкоски.
Советот на јавни обвинители утре на седница како точка на дневен ред има разгледување на предлогот од Владата за разрешување на државниот обвинител Љупчо Коцевски.
По несреќата во Кочани, во јавноста се споделуваа реакции и за претходните несреќи со жртви кои настанале поради корупција или нефункционирање на институциите, како што беа автобуските несреќи на „Дурмо турс“ и на „Беса транс“, како и пожарот во модуларната болница во Тетово.