ВЛАДАТА ДА ГИ ПОМОГНЕ КОМПАНИИТЕ Стопанската комора бара казни за снабдувачите со струја кои не ги почитуваат договорите
За петок е закажана нова средба со премиерот на која ќе присуствуваат претставници на компаниите кои имаат проблеми со снабдувањето со струја.
Вадата мора да изнајде начин да им помогне на компаниите во рамките на можностите додека Регулаторната комисија за енергетика во рамки на своите надлежности најенергично да ги санкционира сите снабдувачи кои неосновано, непрофесионално и бесправно ги откажуваат веќе склучените договори со компаниите, бара Стопанската комора
На средбата што вчера се одржа во Комората на која присуствуваше премиерот Зоран Заев и претседателот на Регулаторна комисија за енергетика Марко Бислимоски беше поздравена одлуката за интевентен увоз на јаглен за нашите електрани со кои ќе се подигне на максимално ниво нашето производство. Од комората ги повикуваа компаниите да учествуваат на овој јавен повик, кој ќе овозможи нивна работа подолг период и поевтина електрична енергија и за нив и за домаќинствата.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески информира за загриженоста на компаниите од целокупната состојба со енормното зголемување на цените на енергенсите на светските берзи.
Во дискусијата е констатирано дека кризата е реалност и дека ќе потрае подолг период, и ќе бара решенија кои ќе имаат и долгорочен и кракорочен карактер.
„За таа цел, мора да се изврши мобилизација на сите учесници во овој процес, затоа што тоа е од круцијален каратер за егзистирање и развој на македонската економија. На сите тие чинители паѓа голема одговорност, да ја менаџираат ситуацијата на највисоко професионално ниво и во согласност со веќе изграденото мислење на светските авторитети од оваа област дека времето на евтината енергија полека привршува и дека ќе мора сите да ја прифатиме новата реалност“, велат од Комората.
На средбата се разговараше и за други модалитети што ќе бидат предмет на расправа во петок на средбата на засегнатите компании и надлежните институции, како можноста да државата преку ЕСМ да обезбеди поголемо количество на струја со пониска цена, продолжување на процесот на инвестирање во обновливите извори на енергија итн.
Состојбата со гасот се очекува да биде стабилна до крајот на годината, а преговорите за наредната година ќе започнат кон крајот на овој месец.