ВЛАДАТА ДА ЈА ПРЕИСПИТА ОДЛУКАТА Од ВМРО-ДПМНЕ бараат 2 недели онлајн настава
Од ВМРО-ДПМНЕ предлагаат 2 недели онлајн настава на учениците од 4-9 одделение и настава со физичко присуство на учениците од 1-3 одделение, како и следење на епидемиолошката состојба во Македонија и во училиштата.
ВМРО-ДПМНЕ бара Владата да ја преиспита одлуката за физичко присуство на учениците во основните и во средните училишта и бара две недели онлајн настава за учениците од 4 до 9 одделение.
„Со оглед на одлуката дека учениците од 1 февруари ќе тргнат на училиште со физичко присуство, бараме Владата, Комисијата за заразни болести, а и министерот за образование и наука да ја преиспитаат одлуката“, се наведува во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму предлагаат 2 недели онлајн настава на учениците од 4-9 одделение и настава со физичко присуство на учениците од 1-3 одделение, со следење на епидемиолошката состојба во Македонија и во училиштата. За најмладите ученици предлагаат физичко присуство за да се избегнат дополнителни мерки, кои се неопходни за чување на децата (ослободување на родител од работни обврски), кои влијаат на економијата на државата.
„Бројките на заразени со вирусот ковид-19 се високи, а високи се и потребите од болничко лекување. Медиумите соопштија дека ќе треба повторно отворање на ковид центрите, а се објави и дека детските оддели се преполни и „Аџибадем Систина“ планира отворање на детски Ковид центар“, се додава во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.