ВЛАДАТА БЕШЕ СЕРВИС НА МОЌНИТЕ, КОРУПЦИЈАТА ПРАВИЛО, СЕГА Е ПОИНАКУ Мицкоски задоволен што и ГРЕКО нотира дека се напушта ерата на селективна правда

Ова не е само административно признание - ова е институционална пресвртница. Првпат по долго време, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата. Тоа ни дава поттик, но уште повеќе носи одговорност, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

235

Кога ја презедовме одговорноста да ја водиме државата, најдовме институции заглавени во мрежа од злоупотреби, клиентелизам и системска корупција, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето пред Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

– Корупцијата не беше појава, беше правило. Правдата беше селективна. Владата беше сервис на моќни интереси, а не на граѓаните. Тоа беше сликата која ја наследивме. И затоа, една од првите и најрешителни борби што ја започнавме беше токму борбата против високата корупција. Во таа борба, денес имаме и прва поголема потврда од меѓународната заедница. По години на институционален мрак, извештајот на ГРЕКО, кој вчера беше објавен, е сигнал дека Македонија се движи напред, кон систем што функционира – рече Мицкоски.






Фото: Влада на Македонија

Групата на држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО) потврди дека Македонија ја напушта ерата на селективна правда и политичка недопирливост, додаде премиерот.

– Со затворањето на постапките за усогласување, ГРЕКО испрати јасна порака: дека постојат видливи резултати, конкретни подобрувања и силна политичка волја за прекин со старите практики. Ова не е само административно признание – ова е институционална пресвртница. Првпат по долго време, државата не е предмет на критика, туку на признание за сериозен напредок во борбата против корупцијата. Тоа ни дава поттик, но уште повеќе носи одговорност. Борбата против корупцијата не е декларација, туку системска промена што сега добива и меѓународна потврда – рече премиерот на седницата.

Фото: Влада на Македонија

Работата на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам има особено значење за стабилноста, безбедноста и отпорноста на државата, додаде тој.

– Правиме напор да создадеме систем што ќе ги препознава ризиците на време, ќе реагира ефикасно и ќе обезбеди долгорочна заштита на граѓаните. Насилниот екстремизам и тероризмот не се само закани по безбедноста – тие се индикатори на подлабоки слабости во системот. И затоа борбата со нив не може да биде изолирана, туку мора да се води паралелно со јакнење на институциите, на правната држава и на јавната доверба – рече Мицкоски.

Фото: Влада на Македонија

Знаеме, додаде тој, дека екстремизмот, радикализацијата и насилството често цутат таму каде што државата е слаба, а институциите се корумпирани.

– Затоа, нашата стратегија е јасна: градење сигурна држава, со функционални институции, професионална полиција и со отпорно општество. Овој Комитет не е симболичен, туку оперативен инструмент. И очекувам од сите учесници, безбедносни, општествени, образовни и локални да дејствуваат координирано, без одлагање и без калкулации. Продолжуваме со иста сериозност, без еуфорија, но со целосна трезвеност. Затоа што борбата за стабилна, сигурна и правична Македонија не се добива со зборови, туку со дела – рече премиерот Мицкоски во своето обраќање пред Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризам.

МАКЕДОНИЈА ДОБИ ЗАСЛУЖЕНА ПЕТКА ОД ГРЕКО Имплементирани се препораките за спречување корупција во власта и во полицијата

Поврзани содржини