ВЛАДАТА БАРА НАЧИН КАКО ДА МУ СЕ ПОМОГНЕ НА МЛАДИОТ ЛЕОНИД Министерот за здравство задолжен да разговара со семејството
Министерот Демири потоа треба да поднесе извештај до владата за тоа какво конкретно решение е изнајдено, соопшти владината прес служба.
Владата на денешната седница го разгледа случајот на Леонид Индов и донесе заклучок со којшто го задолжи министерот за здравство Илир Демири да разговара со семејството и да ги запознае со можните решенија за подмирување на досегашните трошоци за негова рехабилитација, по што тој ќе ја информира Владата за конкретното изнајдено решение, се вели во соопштението на Владата од денешната седница.
Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за известување за склучен Колективен договор на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, („Службен весник на Република Северна Македонија” број 287/22).
Согласно денеска донесените владини заклучоци, вработените во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, од овој месец ќе добиваат повисоки плати во просек за околу 22%, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за јануари. Со ова, започнува исполнувањето на обврската на државата, којашто произлегува од Kолективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа, потпишан на 29.12.2022 година, а со примена од 01.01.2024 година.
Владата, на денешната седница донесе одлука со којашто на професионалните возачи кои поседуваат валиден сертификат, МВР треба да им издава патни исправи во приоритетна постапка, по редовна цена и врз основа на доставено барање и список од страна на Министерството за транспорт и врски.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата околу Вториот извештај на ГРЕКО за усогласеност на Република Северна Македонија – четврт круг на евалуација. Заклучокот на Извештајот е дека, од вкупно 19 дадени препораки, од коишто 4 се однесуваат на Собранието, 9 на судството, 3 на обвинителството и 3 на други институции (МП, ДКСК) – 14 препораки се целосно имплементирани, 4 препораки се делумно имплементирани и 1 препорака е останата неимплементирана.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за Национален Акциски план за Партнерство за отворена власт со Предлог национален Акциски план и го разгледа и прифати Националниот акциски план за Партнерство за отворена власт за 2024-2026 година.
Преку иницијативата Партнерство за отворена власт се зајакнува соработката помеѓу јавниот и невладиниот сектор. Тоа е предвидено со заложбите за отворена влада, отворен парламент и отворено судство, од што по двегодишниот период на реализација се очекуваат придобивки за граѓаните.