Владата бара да се воведе вонредна состојба во целата земја, соопшти денеска на прес конференција техичкиот премиер Оливер Спасовски.
– Исклучително сериозната и вонредна ситуација од појавата на корона вирусот по здравјето на луѓето и нашата економија наложуваат вонредни мерки. Владата нема ниту најмала дилема за тоа. На денешната седница Владата предложи воведување вонредна состојба на целата држава сега и веднаш – рече Спасовски.
Тој додаде дека мерките кои се преземени досега ги дадоа очекуваните резултати, но дека сега е неопходно да се заострат мерките за да се спречи уште поголем пик на корона вирусот во кратко време.
– Убедени сме дека таквата есклација можеме да ја спречиме со воведување вонредна состојба во Македонија. Заканата бара радикални мерки. Владата ќе му предложи на Собранието да прогласи вонредна сосојба. Апелираме да се донесе оваа одлука. Собранието е распуштено, но постои уставна одредба дека претседателот има овластување да прогласи вонредна состојба во траење од 30 дена. Треба силна волја, има уставна подлога – рече тој.
Ако Собранието не може да биде свикано, тогаш предлогот ќе оди кај претседателот и тој ќе одлучи за прогласување на вонредната состојба.
Според него, ова ќе биде за прв пат да се воведе ваква мерка во историјата на нашата држава и оваа мерка е една од најтешките одлуки кои ги донела која било влада од постоењето до денеска.
– Ништо веќе не е исто. Животот радикално се промени кај нас и во целиот свет. Секој треба да се прилагоди на вонредноста и да преземе крајно одговорно однесување. Ако сакаме да си ја заштитиме нацијата сите мораме да се однесуваме и вонредно. Политиканството да се остави за други времиња, сета треба да справуваме со вирусот и ништо друго. Сите да се кренеме на висината на задачата и да ја совладаме оваа закана – рече Спасовски.
Воведувањето на оваа состојба не значи дека по автоматизам ќе се воведат рестрикции на движењето на граѓаните. Доколку дојде до тоа ќе бидат информирани граѓаните.
– Вонредната состојба ѝ дава можност на владата за заштита на граѓаните и на нашата економија. Само со вонредна состојба владата ќе може да делува непречено во борбат со вирусот. И ќе може да спроведува мерки за помош на погодените компаниии. Апелирам сите сериозно, најсериозно да ја сфатат сосотјбата и доследно да ги почитуваат сите мерки и препораки во владата. Со тоа сите станувате значаен фактор во борбата за спречување на вирусот. Максимално сме посветени да ја држиме целата ситуација под контрола. Имаме сериозни капацитети во институциите. Тука сме да им служиме на граѓаните, да покажеме одговорност и да ги заштитиме. Ќе направиме сѐ за да го вратиме безбедното секојдневие на граѓаните во нашата земја. И што е можно за пократко време да излеземе победници од целата оваа ситуација – порача Спасовски.
Тој додаде дека земјава останува во комуникација со нашите пријатели во ЕУ, НАТО и во регионот за справување со оваа криза.