ВЛАДАТА АПСИ ЗА КОРУПЦИЈА, СДСМ ПИШУВА СООПШТЕНИЈА „Вака може да изгубиме 100 милиони евра“
Љупчо Николовски, поранешен министер за земјоделство, тврди дека во негово време немало проблеми со програмата ИПАРД.
Поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата за поддршка на земјоделството, изрази загриженост дека корупцијата во оваа Агенција може да ја загрози програмата ИПАРД 3, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
– Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија – порача Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на поставувањето на функција луѓе без интегритет и без компетенции. Тој тврди дека во негово време немало проблеми со програмата ИПАРД.
– Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби? Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство – изјави Николовски.