ВЛАДАТА ЈА ПОНИШТИ ЛИСТАТА СО ТРОЈЦА КАНДИДАТИ ЗА СУДИЈА ВО СТРАЗБУР На кандидатките Ристоска и Гајдова не им е јасно зошто се одбиени
Со новата одлука престанува мандатот на претходните членови на комисијата, меѓу кои имаше претставници од Министерството за надворешни работи, Министерството за правда, правни факултети, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Владата не ја прифати листата со тројца предложени кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). На листата се наоѓаа обвинителката Ленче Ристоска, судијката од Апелациониот суд Габриела Гајдова и адвокатот Јордан Апостолски. Како причина за одбивањето се наведува дека кандидатите не ги исполнувале предвидените услови.
По оваа одлука, Владата донела решение за формирање нова комисија со 5 члена, наместо претходните 9. Одлуката е објавена во „Службен весник“ на 25 јули. Новиот состав го сочинуваат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателот на Врховниот суд, Африм Фидани, в.д. претседателката на Кривичниот суд, Даниела Димовска, претседателот на Основниот граѓански суд, Бесник Авдија, и директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Ирина Трајковска Стрезоски.
Со новата одлука престанува мандатот на претходните членови на комисијата, меѓу кои имаше претставници од Министерството за надворешни работи, Министерството за правда, правни факултети, Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Од претходниот состав, единствено Стрезоски останува и во новата комисија.
Во одлуката за формирање на комисијата е наведено дека предлогот за избор на тројца кандидати треба да биде доставен до Владата по добивање мислење од Советодавниот панел на експерти при Советот на Европа. Сепак, останува нејасно дали претходната листа била испратена на разгледување во Стразбур пред да биде одбиена.
Кандидатките Ленче Ристоска и Габриела Гајдова, во изјави за ТВ 24, побараа Владата јавно да соопшти врз основа на што е донесена одлуката.
Тие посочуваат дека комисијата што ја подготви листата веќе спровела интервјуа и проценки, а постапката се водела во согласност со пропишаните процедури.
– Во интерес на транспарентноста би било корисно Владата да објасни кои услови не биле исполнети и како тоа било утврдено – изјави обвинителката Ристоска.
Апелациската судијка Гајдова, пак, изрази изненадување што за одлуката дознала од интернет портал, а не преку официјален допис.
– Доколку навистина е утврдено дека не исполнувам одредени услови, би сакала да знам кои се тие, со оглед на тоа што комисијата имаше спротивна оцена – вели Гајдова.
Третиот кандидат од листата, адвокатот Јордан Апостолски, не е достапен за коментар.
Постапката за избор на нови кандидати продолжува под надлежност на новоформираната комисија. Според досегашните рокови, новиот судија треба да го замени актуелниот претставник на Македонија во ЕСЧП, Јован Илиевски, чиј мандат завршува на 1 февруари 2026 година.