ВЛАДА СО 11 МИНИСТРИ МАКЕДОНЦИ И 10 АЛБАНЦИ Осум македонски премиери искина ДУИ, Каевски го обвини Апасиев за лицемерие
Кога се работи за вас и за вашиот гуру Христијан Мицкоски за да дојдете на власт некои работи не ви пречат, а за да се донесе нешто добро за граѓаните ви пречат, му реплицираше на Апасиев пратеникот на СДСМ Дарко Каевски.
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, од собраниската говорница на седницата за избор на нова Влада, порача дека ДУИ извршила рамковна малцинска тиранија во Владата, која доколку биде избрана ќе има 11 Македонци министри и 10 министри кои се Албанци.
– Воведовте башибозук демократија, ние станавме косовски полупротекторат, воведовте апартхејд кога Македончиња и Албанчиња живеат одвоено, имате отворено македонофобство, непочит кон химна и знаме, а вие Османи, внимавајте да не направите тешка стратешка грешка со идното предавство со Бугарија. Kaко старите добри комунисти, дискусијата за избор на нова Влада ќе ја поделам на кадровска и програмска. Во програмската ќе речам дека завршува периодот на Заев во стилот „си одам не си одам“, но заевизмот остана. За време на Шарената револуција имавме израз „Ружна ви е Владата“, а Шарената револуција потоа беше предадена, а заевизмот пак си остана – рече Апасиев.
Лидерот на Левица ја критикуваше ДУИ, при тоа предупредувајќи го мандатарот Ковачевски и нагласувајќи дека тие прават „зулум и кон своите Албанци“.
– ДУИ искина осум македонски премиери, вие Ковачевски ќе бидете деветтиот, а во таа влада ќе бидат и натаму Груби и Маричиќ, без Царовска, сите како ангели на Сорос. Додека врескаат за некакво руско мешање, земјата ни стана на нивото на Сенегал. Додека ДУИ лета орли, секое второ дете се раѓа во Шипковица. А во Југославија имаше десет пати повеќе првачиња Албанчиња, значи правите зулум и кон своите Албанци, не излегувате од националшовинизмот и правите бејрутизација на Македонија – рече Апасиев.
Тој додаде и дека мандатарот Ковачевски во својата програма зборот работници го споменал 6 пати, додека зборот бизнис 60 пати.
Пратеникот на СДСМ Дарко Каевски, по обраќањето на Апасиев, рече дека лицемерието на Левица, како и секогаш е пуштено на најјако.
– Кога се работи за вас и за вашиот гуру Христијан Мицкоски за да дојдете на власт некои работи не ви пречат, а за да се донесе нешто добро за граѓаните ви пречат. Димитар Апасиев зборуваше за биотероризам, кога граѓаните очекуваа пакети мерки во ова Собрание, во услови кога се соочуваме со пандемија, а тоа не му пречеше кога требаше да „формира“ Влада со својот гуру Мицкоски, а истото се однесува и со Преспанскиот договор – потпишува документи со називот Република Северна Македонија, кога му одговора, а инаку го критикува. Вашето лицемерие не поминува ни тука во Собранието, ни кај граѓаните – нагласи Каевски во реплика кон Апасиев.