Влада: Потребно е корисно и интересно, а не напорно и досадно образование

Владата соопшти дека ќе иницира до Собранието да организира јавна консултација на која ќе учествуваат сите засегнати страни и на која ќе се презентираат различни и спротивставени аргументи за да се стигне до најдобри решенија.

198

И Владата и МОН остануваат на ставот дека реформата ќе се носи исклучиво низ јавен, аргументиран, критички и отворен процес, бидејќи во основата на оваа реформа се токму критичкото мислење, разбирањето и прифаќањето на различни, но добро аргументирани решенија, е заклучокот по  денешната презентација на основите на образовната реформа пред премиерот  Зоран Заев и пред членови на неговиот кабинет што ја направија министерката за образование Мила Царовска и членовите на Работната група за реформи во основното образование.

„Премиерот Заев на средбата нагласи дека Владата, Министерството за образование и наука, како и Работната група остануваат на ставот да ги поттикнуваат сите заинтересирани да се вклучат во јавната дебата, да придонесат со свои предлози, сугестии, коментари и критики преку активно учество во тековните јавни расправи на МОН, како и со испраќање писмени предлози до надлежното министерство и Бирото за развој на образованието. Тој изрази поддршка за неопходноста од реформи на образовните програми, осврнувајќи се на потребата од современо и квалитетно образование како предуслов за економски напредок и за општествена трансформација базирана на вредности“, информираат од владината прес-служба.






Според Владата, на презентацијата посебно внимание било ставено на фактите кои говорат за неопходноста од образовни реформи без одлагање како што се ниските оценки за нашето образование на меѓународните тестирања на учениците, наодите и мислењата на меѓународните и домашни институции за образовните програми, како и мислењето на родителите и на наставниците и пред сѐ мислењата на учениците.

„Од анализите кои се користени утврдено е дека е потребно образование кое учениците го доживуваат како корисно и интересно, а не напорно и досадно, образование кое ги учи децата да учат преку разбирање и сопствено критичко мислење, а не „на памет”, велат од Владата.

За време на дебатата поврзана со презентацијата на основите врз кои се подготвуваат образовните реформи, премиерот Заев и министерката Царовска потенцирале дека оваа Влада реформите ги спроведува низ принципот „прифаќаме отворено да дискутираме”, наспроти принципот „одбиваме промени”.

Се разговарало дека со новата концепција за секое дете во државата ќе бидат достапни позитивни и современи модели на учење кои во моментот може да си ги дозволат само дел од граѓаните.

„Посебно внимание беше посветено на потребата од темелна, наместо паушална реформа која ќе ги отстрани клучните недостатоци на нашиот образовен систем како што се политизацијата на училиштата, содржините на учебниците кои не се соодветни на времето во кое живееме и на потребите на децата, како и слабата мотивација на наставниците.

На состанокот беше нагласено дека веќе се стигнати квалитетни предлози кои Работната комисија ги зема предвид и дел од нив ќе бидат прифатени.

Со цел активно и сеопфатно вклучување во јавната расправа, Владата ќе иницира до Собранието да организира јавна консултација на која ќе учествуваат сите засегнати страни и на која ќе се презентираат различни и спротивставени аргументи за да се стигне до најдобри решенија.

За време на дискусијата за потребата од образовни реформи беше истакнато дека инспирација треба да биде една од мислите на истакнатиот македонски револуционер Гоце Делчев кој рекол дека „Револуцијата на народот е во умот и срцето” која тој ја имал за водилка и за време на неговата учителска дејност“, се наведува во соооштението од Владата.

Поврзани содржини