ВКУПНО ДЕВЕТ ПОТРЕСИ ГИ ВОЗНЕМИРИЈА ДЕБРАНИ „Живееме на петти кат, страшно беше“
„Ќе одиме кај мојата ќерка, која живее во куќа, таму ќе бидеме побезбедни. Куќата е едноспратна, па ако повторно затресе можеме побрзо да излеземе. Живееме на петти кат, страшно беше“, вели жителка на станбена зграда.
Деветте земјотреси од кои најсилен беше оној од 4,5 степени во 08 часот и 10 минути, ги принудија дебрани да бегаат од своите згради и куќи, а можни се нови потреси во следните денови. Луѓето останаа во дворовите од зградите или отидоа кај роднини, јавува МИА.
– Ќе одиме кај мојата ќерка, која живее во куќа, таму ќе бидеме побезбедни. Куќата е едноспратна, па ако повторно затресе можеме побрзо да излеземе. Живееме на петти кат, страшно беше – вели жителка на станбена зграда.
Епицентарот на земјотресите е во областа на пограничното рударско гратче Булќиза, на триесетина километри од Дебар.
– Од вчера во 17 часот, кога е почувствуван првиот потрес регистрани се вкупно девет, со различна јачина, од 3,3 до 3,6 а најсилен беше оној во 8:10 часот. Епицентарот е во подрачјето на Булќиза со магнитуда од 4,5 степени според Рихтеровата скала што кореспондира на 5 степени во жариштето на земјотресот, кој беше на длабочина од 10 километри – изјави за Ора њуз албанскиот сеизмолог Едмонд Души.
Според него тлото е сè уште активно и со сигурност не може да се каже дали потресот утринава во 8:10 часот е кулминација на оваа активност или ќе продолжи, затоа, додава, можни се нови потреси.