ВКУПНО 50 ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА 6-ЧЛЕНАТА БАНДА ОД ГРЧЕЦ За двојното убиство во Топанско Поле пресудени по 14 години затвор

Фати Сулејмановски и Шулејб Сулејмановски Судот ги прогласи за виновни за злосторничко здружување и за убиство на две лица и им досуди единствена казна од 14 и пол, односно 15 години затвор, а Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени и Бесим Асани се виновни за дилање кокаин, за што првите тројца добија по 5, а Асани 6 години затвор.

552

Вкупно 50 и пол години затвор им пресуди Кривичниот суд на шестмина членови на криминалната група Грчец,  од кои четворица за неовластено купување на 15 килограми наркотична дрога – кокаин, нејзино пренесување и пуштање во промет во државава, а двајца за злосторничко здружување за вршење на двојно убиство од одмазда и по порачка. Дилерите добија по 5 односно 6 години затвор, а убијците по 14 години затвор, за две убиства.

Шестмината криминалци беа уапсени во јануари минатата година.






Судот ги прогласи Фадил Бајрамовски, Севди Азири, Неџати Исени и Бесим Асани за виновни за кривичното дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори од член 215 став 3 од Кривичниот законик. Бајрамовски, Азири и Исени се осудени на казна затвор од 5 години, додека Бесим Асани доби 6 години.

Останатите двајца, Фати Сулејмановски и Шулејб Сулејмановски, Судот ги прогласи за виновни дека сториле кривични дела Злосторничко здружување од член 394, став 3 и Убиство од член 123 став 2, точка 5 од Кривичниот законик.

Фати Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од 14 години за делото Убиство и една година и шест месеци за делото Злосторничко здружување, односно на единствена казна затвор од 14 години и шест месеци.

Шулејб Сулејмановски судот го осуди на казна затвор од 14 години за делото Убиств и на 2 години за Злосторничко здружување, односно на единствена казна затвор од 15 години.

Групата не дејствувала инцидентно, туку континуирано и тоа најмалку од јуни 2019 до март 2021 година. Во групата учествувале 15 лица, од кои дел се починати, а дел се недостапни на органите на прогон.

Судијката Фанка Јанчулова Михаиловска, при објава на пресудата рече дека околноста за постоењето на криминална група се потврдува преку континуирано повторување и организирање набавка на наркотична дрога, а друга околност е користењето на исто возило „порше кајен“ при набавка на дрогата од Албанија и  од Белгија.

– Фадил Бајрамовски јасно знаел и комуницирал и договарал преземање и пренос на дрогата преку апликацијата Скај, додека обвинетиот Бесим Асани не е лице што случајно ја пренел дрогата, туку јасно знаел и престојувал месец и половина во Белгија. Анализирајќи ја комуникацијата од апликацијата Скај за преземање на дрогата од Албанија, јасно е дека Косовецот е обвинетиот Севди Азири, кој ја пренел дрогата од Албанија – рече судијката Јанчулова Михаиловска.

Од јуни 2019 до март 2021 година водачот на групата Шеваљ Муареми и други н.н. лица недостапни на органите на прогон формирале и раководеле со група за транспорт и неовластено пуштање на дрога во промет во Македонија. Групата договорила набавка на 14 килограми кокаин од Албанија, по цена од 33.000 евра за килограм и потоа организирала транспорт преку Косово во Македонија.

Судот, при објава на пресудата рече дека убиството е дел од поголем криминален план за убиство на лица кои им пречат, за што е потврда фактот дека жртвата е рационално и свесно одбрана.

– Тие свесно одлучиле и останале на одлуката за двојното убиство, што е одлика на криминалната група. Од комуникацијата на Скај факт е дека жртвата е рационално и свесно одбрана, како и набавката на пиштол со пригушувач, панцири и на флешери за автомобил. Од комуникацијата јасно е дека двојното убиство е поврзано со престрелката со криминалната група Дуќанџик во Александар палас. Со оглед на наведеното, најмалку тројца учествувале во двојното убиство, без разлика дали Фати или Шулејб пукал или само управувал со возилото – рече судијката.

Одбраната реагирала на дел од обезбедените докази преку апликацијата Скај, но Судот, како што објасни, ги прифатил бидејќи биле добиени со меѓународна правна помош од Франција.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во јануари 2024 година отвори истрага против 15 лица, а во јули 2024 до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против 5 лица. За 4 лица кои се недостапни на органите на прогонот, обвинителството преку Министерството за правда ги има преземено сите неопходни активности согласно Законот за меѓународна помош во кривична материја. Така, за 2 лица, меѓу кои и за водачот Шеваљ Муареми, се доставени документи за екстрадиција до Обединетите Арапски Емирати, за едно лице до  Хрватска и за едно лице до шпанските власти. Постапките за екстрадиција се водат согласно процесните закони на државите во кои се наоѓаат осомничените лица и за нив истражната постапка ќе продолжи по нивното обезбедување, како и за останатите осомничени.

Убијците двојното убиство го извршија во март 2021 година. Организаторите, врз основа на претходни сознанија биле цврсто убедени, дека едно лице наводно е учесник и предводник во престрелкатата во хотелот Александар палас, па почнале да прават план да го убијат.  По неколку неуспешни обиди, во март 2021 година, во Топанско Поле употребувајќи светлосни сигнални уреди – флешери го запреле возилото во кое се превезувало лицето и го убиле него и уште едно лице. Жртвите беа на возраст од 24 и од 28 години.

Поврзани содржини