ВКУПНАТА РАЗЛИКА Е 50.000 ГЛАСОВИ Мисајловски вели дека ВМРО-ДПМНЕ веќе победи во 21 општина, а ќе победи уште во 12 општини
Победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ под реден број 7, споредено со листата на советници на коалицијата предводена од СДСМ е над 50.000 гласови во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Освоивме најголем број гласови на советничките листи во вкупно 40 општини, рече Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ со над 50.000 гласови разлика. Убедлива победа во советите, рече потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, на денешната прес-конференција.
– Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ со народот триумфираше на локалните избори. Победата им припаѓа и на младите и на старите, и на христијаните и на муслиманите, и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Бошњаците, и на Ромите, и на Власите, и на сите останати. И на работниците, и на земјоделците, и на докторите, и на просветните работници. Залудни беа притисоците, поткупот, заплашувањата. Народот победи. Победи Македонија. Промените во Македонија се неминовни, затоа што Македонија ги победи поделбите, криминалот и безидејноста која ги создава власта на Зоран Заев. Тоа не го покажува само бројот на градоначалници кои се освоени во првиот круг и бројот на кандидати кои одат со водство во вториот круг, туку тоа го покажува и бројот на гласови освоени на советничките листи на ниво на државата. Победата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за „Обнова на Македонија“ под реден број 7, споредено со листата на советници на коалицијата предводена од СДСМ е над 50.000 гласови во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Освоивме најголем број гласови на советничките листи во вкупно 40 општини – рече Мисајловски.
ВМРО-ДПМНЕ има повеќе гласови на советнички листи од СДСМ освоено во вкупно 46 општини, додаде тој.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ има избрано градоначалници во првиот круг во 21 општина, и тоа:
- Аеродром;
- Кисела Вода;
- Сопиште;
- Бутел;
- Гази Баба;
- Виница;
- Зрновци;
- Петровец;
- Илинден;
- Штип;
- Карбинци;
- Свети Николе;
- Велес;
- Градско;
- Босилово;
- Неготино;
- Кавадарци;
- Прилеп;
- Могила;
- Новаци;
- Јегуновце;
Според Мисајловски, ВМРО-ДПМНЕ ќе има водство во вториот круг во дури 12 општини:
- Македонски Брод;
- Зелениково;
- Чешиново Облешево;
- Кратово;
- Радовиш;
- Василево;
- Ново Село;
- Битола;
- Охрид;
- Кичево;
- Брвеница.
– Кога станува збор за Општина Ѓорче Петров, мислиме дека набрзо ќе биде разликата, односно сè ќе биде завршено во првиот круг. Но, дополнително на ова ВМРО-ДПМНЕ има убедлива победа на советничката листа за градот Скопје предводена од професорот Трајко Славески, а имаме и огромно водство на Данела Арсовска. Народот го порази Заев. Народот одбра иднина, народот избра промени, проекти и победи, наместо неспособност, неработење и криминал на власта предводена од Заев. Македонија е на чекор до конечна победа која ќе биде крунисана со детонизирање на ненародната власт на Заев. Оваа власт нема повеќе легитимитет и прашање на време е кога ќе биде целосно поразена. Да се обединиме до конечната победа. Волјата на народот е јасна. Македонија бара промени за подобра иднина на нас и на нашите идни генерации. Ги повикувам сите гласачи кои сакаат нешто да се промени и нè поддржуваат, како и сите оние кои не се определија првично за нас, и оние коишто се разочарани од политиката. Ајде заедно да се обединиме време е да ги надминеме разликите да се мобилизираме и да се обединиме. Да покажеме слога во намерите да се направи нешто подобро. Потребни сме сите заедно да се бориме рамо до рамо и само така ќе успееме, сложно. Да покажеме дека самите сме господари над сопствените судбини и никој ја нема нашата волја во џеб за да си поигрува со нејзе – рече Мисајловски.