Вкоренетост

Изморена и измачена после бегството од нејзината родна земја, тврдеше дека трагичниот запис за проклетството на нашето прогонство не само што не завршува, напротив, цел еден век се надополнува со нови и нови писанија кои значат стеснување на македонската почва, а со самото тоа и сушење на коренот на нејзините изданоци.

2,078

Трагично возвишените зборови на Тарас Буљба упатени на неговиот неверен син – „Те љубев колку што ги љубев и степите!“ – се несомнено, гордоста на незаменливата сликовита споредба за немерливоста на човековите чувства сплотени во единството на флуидот кој ја обвива и крепи суштината на постоењето, закован во бескрајноста на паралелите на соѕвездието наречено љубов, со нагласок кој прозвучува како исконска свирка, дека – земјата се љуби колку и рожбата, или, рожбата се љуби колку и земјата; во двата случаи – бескрајно.

Како гимназијалка, ме морнеше таа дотогаш нечуена, високоморална исто колку и ретка, но и сурова споредба дадена за чувствата, кои, фактички, не трпат споредување. Затоа можеби ме вознемируваа тие зборови, кои јас, како дете, на своевиден начин веќе ги имав почувствувано и впиено преку Мајкината предоживеаност.






Знаев дека таа бескрајно взаемна поврзаност и единство на исконската вкоренетост на човекот со земјата, не трпи преименување. Постои само библиски поставен антипод, како предупредување, а тоа е – прогонот од земјата како најголема казна за стореното непочитување, со наравоучение, дека – татковината како свето завештание предадено од предците треба да се чува за да секогаш одново се сочува и заслужи. Не со патриотски песни и еуфорични зборови на непромислените, туку со дела кои ќе се запишат во небесното соѕвездие на вечноста како знак за перманентна будност, на сите, и со подготвеноста секогаш да се војува за неа и насушниот мир на нејзината срцевина – народот.

– „Врз македонцката зема, проклетството за прогонството на македонцкио народ има свој трагичен запис кој никога не заврши!“ – ми велеше мајка, мене, затоа што немаше кој друг да ја слуша.

Изморена и измачена после бегството од нејзината родна земја, тврдеше дека трагичниот запис за проклетството на нашето прогонство не само што не завршува, напротив, цел еден век се надополнува со нови и нови писанија кои значат стеснување на македонската почва, а со самото тоа и сушење на коренот на нејзините изданоци.

– „Не е прв пат“ – велеше, – „ние Македонците да бегаме од нашчи места. Години наза ѐ напалниме Балгарија со истерани Македонци од Грците, или бегаштим од темните ѕверста шо ѝ вршее врз нас. Цели села се опустие… На старите им ѝ сечее езиците ако ѝ чуеја да зборнат Македонцки, или им давее рицинус… Стрико ти Апостол, ѐ остави и к’шчата, и нивите и добитоко… и ношја побегна со семејството за Балгарија, от ка – син му Трпо до смрт му го истепае корофилаците кои га чуе ка зборви Македонцки со дечките. На попо од селото до нас – Шуштеево, поради тос шо на миса, натре чрквата проповедаше на Македонцки, јавно, во црковнио двор, пред народо кој беше приморан да го пули тос злодело, го соблекое гол, го кренае со ноѕите горе… и од котело со зоврена вода, со инка, преку заднико го пл’нее…“.

„Ама, најтрагичното сторение во записо на македонцката историја е тос, шо прогоно секога одново се повторви, на ваков или таков начин… без да се извлечи поука – зошчо е тос така, и да се клај крај на повторката. Така имам слушано од старите Илинденци, ешче ка бе чупа. Гредее на муабет при татко, а јас ѝ служе со кафе и слуше шо прикажве“ – велеше мајка, – потенцирајќи ја запаметената мисла на нејзиниот дедо Спасо, кого почесто го цитираше:

– „Но, има ена истина: – Македонцката зема топото на поробувачо го осетви дури и кога тој мирви, ка шчо го препознава и кукољо – изродо на фрленото семе врз неја, кој не за прв пат знае да се осиљи, со кучешки з’мб да ѝ ги растргви нејните вековно напластени поли. Писано или не, обзнането е, да, никуј кој не е Македонец не успеа во вековното постоење на македонцката зема, да е сквернави. Никуј! – Дур и кога со писани фермани и чужи развиорени знамина се газело узгора неја. Етничкио Македонец, е тој кој шо од небуднос и опуштенос ѝ предизвикви сквернавејната и самио ѝ сноси свите трагедии од разградбите на македонцкото срце“.

– „Нашчи предци“ – продолжи мајка надополнувајќи ја дедовата ѝ мисла, засилена како да е на политичка трибина, – „кои шо барем енаш го осетие прогоно шо настана од делбите и разделбите помежу себе и со татковата зема, веќе одмна ѝ нема. Но, тејните лузни кои во душите ѝ носее кај сторенини до крајо на живото, генетски се втиснати во нашча свес и тие треби да ни се поука, да, одново, сега, можи да сме за последен пат исправени пред бранико на последното македонцко парче зема и да, ако и тос го изгубиме, сами сме виновни пред историјата и младината која ѐ растиме“.

Таа мудро, со трпеливост ме учеше додека ме растеше, да ја љубам својата земја колку и неа: – „Цути чупо там де си пресадена, а, јас, туа, надур од мојта родна зема, не ми остава нишчо друго сем – кај без корен да вена…!“.

Така мајка милно ми пееше споредувајќи ме со цвет, кога сакаше со збор да ме погали и да ме заблазетиса, но и да ме убеди и бодри дека го уживам најголемиот благодет што едно човечко суштество може да го има како еден од предусловите за среќен живот, а тоа е земјата по чие име се препознавам. Мене така ми зборуваше, а самата се чувствуваше туѓинка во истата земја, за која ме учеше дека е моја.

– Оваа земја… само моја ли е? Не е и твоја? – ја прашував малку збунета, а повеќе налутена.

– „Постои разлика помежу мене и тебе: – Ти, туа, на ова парче македонцка зема сега се вкоренвиш. Јас… од другото парче на Егејцката зема, де шо бе вкоренета, ме ископачие… Мене… ниде, веќе ни Госпо не можи и не сака да ме вкорени!“ – смирено, категорично ми одговараше, без да се чувствува нелагодно што мене ми прозвучуваат контрдикторно нејзините чувства.

Нејзиното размислување за вкоренетоста на човекот со земјата беше длабоко простодушно, но и суптилно, а најповеќе носталгично оптоварување кое така ненаметливо успеа во текот на годините кои ги поминавме заедно, да ми го пренесе низ катадневните разговори.

– „Родвејнето на човеко“ – ми влеше – „значи почеток на двоејнето од свите природни врски со мајката и почеток на повторното вкоренувајне во утробата на мајката зема. Односо на мајката и детето на некој начин е жалосен. Детето со растејнето се осамостојви и за мајката станви далечна ѕвезда, кам која тас ѝ пушви раците све до крајо на живото. Ќеку повеќе ѝ пушви мајката раците кам детето, тос, теку е подалеку од неја. Со земата, врската е поинаква – таја се продламбочви во теко на човековио живот…“.

Таквата занесеност по земјата која, не само од зборовите, туку и од Мајкиниот опул ѝ избиваше како вжештена испарнина, јас не можев да ја разберам. Ја прашував и препрашував и секогаш одново сакав да дознам за нејзината дарба – ЗЕМАТА, како што го именуваше своето родно место, како редок привезок да ја држи близу до извориштето на нејзиното пулсирање, до здивот и импулсот на нејзиното дишење… Исто, не можев да ја разберам, како нејзините објаснувања поткрепени со личните тврдења, не престануваа:

– „Од ка ќе се роди, човеко воспостава еден вечен однос со земата, кој катадневно се продламбочви. Земата ѐ превземви рољата која претходно ѐ имала мајката кам детето. За тос човеко се куражи со неја и се смета вкоренет во нејната утроба, кај дрвото, од шо добива сила и осет за сопствена припаднос – кај дел од неја“.

Поистоветувајќи ја природната врска со мајката, со исто таквата приврзаност со земјата, секогаш завршуваше со прашањето:

– „Ако човек од небуднос или било какво прегрешение ѝ изгуби своите природни корени со матичната зема – шо останви од него ? и, – кој е тој?…“.

Не знам кому му го упатуваше тоа прашање кое мене само ме збунуваше…

Таа немаше намера да чуе нечиј одговор… останувајќи долго загледана во празниот простор пред неа.

Поврзани содржини