ВКЛУЧЕНИ АЛАРМИ ВО ВСЕЛЕНАТА Гореше пластика на Меѓународната вселенска станица
„На најмалку 80 проценти од системите за летови на рускиот дел веќе им помина рокот на траење“, изјави за државните медиуми г-дин Соловјов. Од Роскосмос лани рекоа дека структурниот замор значи дека станицата нема да може да работи по 2030 година.
Мирис на пластика што гореше и чад ги вклучил алармите во модулот „Ѕвезда“ на Меѓународната вселенска станица, откако екипажот пријавил, пишува Би-Би-Си. Чадот бил откриен при полнење на батериите на станицата, наведува агенцијата Роскосмос, а екипажот сега се вратил на „редовна обука“. Екипажот подоцна сепак ќе продолжи со планираната вселенска прошетка, јавува Риа Новости.
Изгледа руските модули на МВС цело време се расипуваат. Прво „Наука“ имаше проблем со полетувањето, па кога стигна ненадејно се заротира за 45 степени. Истекување на воздух, пукнатини во товарниот дел „Зарија“ и грешки во моторите … Сè тоа навестува дека фали еден добар ремонт. И на рускиот и на другите делови.
Поминат е рокот
Рускиот службеник Владимир Соловјов, водечки развивач на руските МВС модули, изјави за државните медиуми на 1 септември дека Меѓународната вселенска станица може да претрпи непоправливи дефекти поради застарената опрема и хардвер.
– На најмалку 80 проценти од системите за летови на рускиот дел веќе им помина рокот на траење – изјави за државните медиуми г-дин Соловјов.
Рок на траење: само 15 години
Меѓународната вселенска станица е изградена во 1998 година како дел од заедничкиот проект меѓу Русија, САД, Канада, Јапонија и неколку европски земји и првично беше дизајнирана да трае 15 години.
Во моментов на станицата престојуваат и работат седум астронаути: двајца Руси, тројца Американци, еден Французин и еден Јапонец.
Русија до 2030 ќе направи своја станица
Во април, вицепремиерот на Русија, Јуриј Борисов, изјави за руската државна телевизија дека стареењето на металот на станицата „може да доведе до неповратни последици – до катастрофа. Не смееме да дозволиме тоа да се случи“.
Од Роскосмос лани рекоа дека структурниот замор значи дека станицата нема да може да работи по 2030 година.
Русија во април рече дека можеби ќе ја напушти станицата и ќе изгради сопствена вселенска станица до 2030 година, иако ништо не е финализирано.