ВИТКОФ И КУШНЕР ЈА ОТКАЖАА ПОСЕТАТА НА ИЗРАЕЛ Иран не дава знаци на спремност да преговара
Во меѓувреме, наводно се појавиле несогласувања меѓу Вашингтон и Тел Авив околу израелските напади врз иранската нафтена инфраструктура.
Специјалните претставници на САД Стив Виткоф и Џаред Кушнер ја откажаа посетата на Израел закажана за утре (вторник), објави денес „Џерусалим пост“, повикувајќи се на неименувани извори.
Двајцата претставници претходно требаше да патуваат во Израел на разговори за војната меѓу Израел и Иран, додека во меѓувреме, наводно се појавиле несогласувања меѓу Вашингтон и Тел Авив околу израелските напади врз иранската нафтена инфраструктура.
Според израелските медиуми, Израел однапред го информирал Вашингтон за плановите за таргетирање на нафтената инфраструктура, но не посочил дека нападите ќе бидат толку обемни.
– Не мислиме дека тоа беше добра идеја – рече неименуван американски функционер, додавајќи дека американската војска очекувала во голема мера симболичен напад и била изненадена од обемот на операцијата.
Во меѓуврме Министерството за надворешни работи на Иран ја намали веројатноста за прекин на огнот додека нападите продолжуваат.
– Нема смисла да се зборува за ништо друго освен за одбрана и разорни одмазди против непријателот – рече Есмаил Багеи и повтори дека Техеран не е во војна со своите муслимански соседи, туку мора да ги таргетира „објектите што ги користат агресорите“ за своја легитимна одбрана.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, исто така, негираше каков било ирански напад врз Турција, Азербејџан и Кипар, нарекувајќи ги „напади под лажно знаме“.