„ВИТЕЗ НА ЛЕГИЈАТА НА ЧЕСТА“ Францускиот амбасадор ја одликуваше со орден судијката Маргарита Цаца Николовска (ВИДЕО)
Со задоволство и со гордост го примам овој орден и ве уверувам дека ќе продолжам сесрдно да се борам во остварувањето и во заштита на човековите права и слободи преку владеењето на правото, истакна поранешната судијка на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска.
Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, во името на претседателот на Франција, денеска во Скопје со орденот „Витез на Легијата на честа“ ја одликуваше поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска.
– Вие, госпоѓо Николовска, во текот на целата Ваша кариера, на брилијантен начин се зафативте да ги браните сопствените убедувања, кои се вкрстуваат со вредностите на Франција и на Европа: правото, слободата на изразување, правото на приватност, борбата против дискриминацијата. Во тој поглед придонесовте Северна Македонија да стане поправедна држава и помогнавте во зближување на нашите две земји – рече Бомгартнер.
Николовска се заблагодари и истакна дека одликувањето само ја зацврстува нејзината борба за човековите права и слободи да бидат на националните и на меѓународните правни скалила.
– Со задоволство и со гордост го примам овој орден и ве уверувам дека ќе продолжам сесрдно да се борам во остварувањето и во заштита на човековите права и слободи преку владеењето на правото. Јас ова го чинам заедно со присутните членови од Институтот за човекови права и преку едукативниот процес што се трудам сесрдно да се остварува преку неговите активности. Ова е особено важно во периодов во кој се наоѓа нашата држава сега, со сите познати предизвици – рече Николовска.