ВИСТИНСКИТЕ ПРИТИСОЦИ ВРЗ ПРАТЕНИЦИТЕ ЗА ПРОМЕНА НА УСТАВОТ ЌЕ ПОЧНАТ ВО МАРТ ИЛИ ВО АПРИЛ Власта се фали дека ѝ недостасуваат само 6 „кастриоти“

Политичките аналитичари велат дека во политиката, особено во македонската, понекогаш е возможно и најневозможното. Но, овој пат, велат тие, на власта ќе ѝ биде прилично тешко да „купи“ пратеници од опозицијата за планираните промени на Уставот. Мицкоски и Апасиев се категорични - пиши крст, овој состав нема легитимитет за ваква одлука, ајде на избори!

549

Може ли и сега, кога власта со сите сили се обидува да изнајде двотретинско мнозинство во парламентот, за да ги впише Бугарите во Преамбулата на Уставот, да се повтори историјата од октомври 2018 година, кога 7 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и еден од коалицијата формираа „независна група“ и гласаа за отворање на Уставот – потег кој директно доведе до промена на државното име и до имплементација на Договорот од Преспа?

Плусинфо дознава дека во овој период, освен неформално тестирање на расположението на неколку пратеници кои што се таргетирани како можни „кастриоти“ во опозициската коалиција, не треба да очекува посилен притисок врз нив. Добро упатен извор тврди дека таа операција е оставена за март или април идната година, кога владејачката коалиција ќе се обиде да го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за отворање на  Уставот.






Мицкоски кагоричен: Нема притисоци!

На директно прашање на нашиот портал дали врз пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и на опозициската коалиција се врши притисок да попуштат, како што своевремено попуштија Елизабета Канческа – Милевска, Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Нола Исмајлоска – Старова, Љубен Арнаудов, Зеќир Рамчиловиќ и Владанка Авировиќ за Преспанскиот договор, лидерот на опшозцијата Христијан Мицкоски одговара:

– Не. Категорично тврдам дека во овој момент нема такви притисоци кон мене, или кон пратеници од нашата коалиција. Верувајте, сум поминал низ едно такво искуство и многу добро знам кога е некој под притисок. Не велам дека тоа нема да се случи, но во овој момент нема такви притисоци. Коментарите во дел од јавноста се друга работа, ако тоа го сметате за притисок. Но, јас постојано упорно повторувам дека никој во овој парламентарен состав нема политички легитимитет да спроведе вакви уставни измени, зашто никој не е избран со таква платформа. Најдобро е што поскоро да излеземе на избори, во кампањата секој да се изјасни за ова прашање, а народот потоа нека одлучува – вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ за Плусинфо.

Пратениците кои во балканските жаргони се нарекуваат „прелетачи“, кај нас го добија името „кастриоти“ по името на независниот пратеник Кастриот Реџепи, кој ѝ стана познат на македонската јавност по тоа што како пратеник на Беса му сврте грб на својот лидер Билал Касами и како што вели, „по сопствено убедување“, одби да гласа за недоверба на Владата на тогашниот премиер Зоран Заев.

Кастриот Реџепи и сега не мирува и дава изјави, во кои тврди дека „активно се работи на случајот за придобивање пратенички гласови“ и тврди дека, сепак, во редовите на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и овој пат постои расположение кај неколку пратеници да искажат непослушност кон партискиот лидер Христијан Мицкоски.

Никој во овој парламентарен состав нема политички легитимитет да спроведе вакви уставни измени, зашто никој не е избран со таква платформа. Најдобро е што поскоро да излеземе на избори, во кампањата секој да се изјасни за ова прашање, а народот потоа нека одлучува.

Христијан Мицкоски лидер на ВМРО-ДПМНЕ

Колку недостасуваат за двотретинско мнозинство?

– Верувам дека ќе обезбедиме мнозинство. Како што јас тогаш се изјаснив поинаку од одлуката на мојата политичка партија, така исто мислам дека има совесни пратеници кои ќе го искористат загарантираното право на глас според сопственото убедување – изјави Реџепи, кој практично е дел од владејачкото мнозинство.

За отворање на Уставот и за внесување на Бугарите во Преамбулата овој пат на власта ѝ се потребни само уште 8 пратенички гласови, ако се земе предвид дека актуелното парламентарно мнозинство во моментов брои 64 гласови, а лидерот на опозициската Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, вети дека неговата партија преку своите 8 пратеници ќе ги поддржи уставните измени.

Тоа би значело дека власта веќе има обезбедено 72 гласови, иако претседателот Стево Пендаровски вчера откри дека бројката се искачила на 74 и дека се потребни само уште 6 пратеници за да се формира двотретинско мнозинство.

– Недостасуваат 6 пратеници. За остатокот од 74 до 120, јас лично не знам ниту еден единствен пратеник кој вели „се мислам, можеби ќе гласам”. Не сум чул. Значи, фактичката состојба е таа. Дали се разговара, да. Дали Владата треба да разговара со сите пратеници, одговорот е „да“ – рече Пендаровски.

Политичките аналитичари со коишто разговараше Плусинфо потсетуваат дека во политиката, особено во македонската, секогаш е возможно и најневозможното. Но, овој пат, велат тие, на власта ќе ѝ биде прилично тешко, но не и невозможно, да „купи“ пратеници од опозицијата, со оглед на тоа што партијата на Мицкоски, изгорена од искуството од пред четири години, сега дува и на јогурт.

Второ отворање на Уставот за 4 години – тоа е претерано!

Доколку и овојпат се случи истото што се случи  во 2018 година, бидете сигурни дека дефинитивно ќе згасне политичката кариера на Христијан Мицкоски, коментира политикологот Димитар Христов.

Нотарските изјави што ги потпишаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не даваат никакви гаранции дека дел од тие пратеници нема да гласаат за уставните измени. Уценувањата и искушенијата допрва ќе започнат.

Димитар Христов Политиколог

– Нотарските изјави што ги потпишаа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не даваат никакви гаранции дека дел од тие пратеници нема да гласаат за уставните измени. Уценувањата и искушенијата допрва ќе започнат. Можеби најреално е сега да се организираат брзи предвремени избори со тоа што тие ќе бидат и еден вид референдум во врска со ова прашање. Доколку победи СДСМ и формира нова Влада, измените ќе бидат оправдани, бидејќи народот би ја поддржал таа политика. Во спротивно, доколку победи ВМРО-ДПМНЕ и состави влада, тогаш може да се очекува и краток прекин на преговорите со ЕУ. Историјата нѐ учи дека доста неславно се справуваме во вакви изданија и какво и да е решението, политичката кризата во државата проследена и од другите кризи во моментов, ќе биде неизбежна – објаснува Христов.

Тој смета дека второ отворање на Уставот во период од само 4 години е претерано.

– Уставот не е обичен закон, па ајде сега ќе додаваме амандмани кога сакаме. Опозицијата треба со сите сили да притисне за одбивање на отворање на Уставот и да спречи вметнување на Бугарите во Преамбулата. Од друга страна, свесни сме дека ако не се случат уставните измени, ние повторно ќе се најдеме во ќорсокак во поглед на преговорите за членство во ЕУ. Претседателот на државата, Стево Пендаровски, разбирливо притиска кон отворање на Уставот. Поканата за доаѓање на францускиот претседател Емануел Макрон и најавеното доаѓање на германскиот канцелар Олаф Шолц ја подгрева состојбата, а и самите знаеме дека штом доаѓа функционер од некоја голема европска држава, промените ќе се случат, вака или така. Од албанскиот блок партии, повеќе од јасно е дека ќе ги поддржат уставните измени. Во македонскиот блок, ставот на СДСМ е повеќе од јасен. Улогата на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде клучна. Мицкоски еднаш изгоре, па сега најверојатно е повнимателен – истакна Христов за Плусинфо.

Омекнуваат ли тврдите ставови на Мицкоски?

Универзитетскиот професор Јове Кекеновски во разговор за Плусинфо вели дека забележал оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во последно време омекнува во поглед на ставот дека негови пратеници нема да гласаат за уставните измени.

– Во последно време гледаме дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, не е толку цврст во своето тврдење дека негови пратеници никогаш не би гласале за уставните измени. Забележуваме дека Мицкоски полека омекнува и дека веќе не се ни спомнуваат нотарските изјави што ги потпишаа пратениците во поглед на ова прашање. Па така, со оглед на коруптивниот начин на функционирање на Собранието и со бесрамното „купување“ пратеници, воопшто не би ме зачудило ако власта соопшти дека обезбедила двотретинско мнозинство и дека дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ го дале својот глас. И тоа не мора да значи дека со пари се купени тие гласови, туку може и со уцени и закани. Власта е подготвена да направи сѐ за да го обезбеди потребниот број пратеници за да се отвори Уставот и во Преамбулата да се внесат Бугарите. Ретки се тие пратеници кои се чесни, чисти и коишто не би подлегнале на одреден притисок, односно на искушение. Ако погледнеме во блиското минато ќе забележиме дека голем дел од пратениците се покажале како прилично лакоми по однос на привилегии и богатство. За жал, така стојат работите во Македонија – објаснува Кекеновски.

Ретки се тие пратеници кои се чесни, чисти и коишто не би подлегнале на одреден притисок, односно на искушение.

Јове Кекеновски Универзитетски професор

Тој вели дека историјата постојано ни се повторува кога се работи за нечесни игри што ги играат едните или другите кога ќе ја преземат власта.

– Имаме сериозни искуства од минатото, и за жал, ретко кој македонски политичар останал на својот став. Тоа значи дека не постојат принципи, туку само интереси. Нема идеологија, нема ништо, туку гол интерес – изјави Кекеновски.

Апасиев: „Пиши крст, нема уставни измени!“

Христијан Мицкоски упорно тврди дека власта е далеку од двотретинско мнозинство за промена на Уставот.

– Oд тоа што јас го видов на лидерската средба е дека власта е прилично далеку од двотретинско мнозинство, што значи дека преземале обврска којашто не зависи само од нив. Јас тоа го кажав дека оваа средба требаше да се случи пред Димитар Ковачевски и претседателот Стево Пендаровски да го прифатат ова што го прифатија. Тие требаше претходно да седнат и да кажат еве овој е потенцијален договор, се сложуваме не се сложуваме, имаме две третини немаме две третини. Ако видат дека немаат две третини, се враќаат таму на преговорите и ќе речат „извинете, ама ние немаме две третини и ова не можеме да го поминеме и покрај тоа што сакаме да го поминеме“ – изјави неодамна тој.

Мицкоски додаде дека е јасно тоа што нема никакви можности за две третини во овој Парламент и под овие услови и затоа логично е да има предвремени избори, па граѓаните да одлучат како понатаму.

Апасиев, Левица: Во идниот мандат Левица ќе има двоцифрен број мандати и тогаш позициите ќе бидат многу подрастично променети

– Јасно е дека нема никакви можности за две третини во овој Парламент под овие услови и овие околности за коишто ние цело време зборуваме. И затоа реков, логичен след на работите е да имаме предвремени избори и пред граѓаните да ги кажеме нашите планови – истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, смета дека актуелниот парламентарен состав нема да изгласа уставни измени за вметнување на Бугарите во Преамбулата, бидејќи на власта ѝ недостасуваат седум пратеници, кои, како што вели, никогаш нема да ги најде.

Единствено решение според него е да се организираат предвремени парламентарни избори, а убеден е и дека Левица ќе добие многу повеќе пратенички мандати со што целосно би пропаднал планот за уставни измени.

– Тоа е „пиши крст”, нема уставни измени во овој мандат, а во идниот уште помалку. Затоа што во идниот мандат Левица ќе има двоцифрен број мандати и тогаш позициите ќе бидат многу подрастично променети. Нема да има уставни измени. Тие ќе сторат сѐ за да останат на власт, тоа нас не треба да нѐ чуди, нашиот став е што побрзо избори – тоа подобро за државата – изјави Апасиев.

Точно е дека во политиката и чудата се можни, но изворот на Плусинфо тврди дека во овој случај залакот за шпекулантите на политичкиот пазар е поголем од кога и да е. Нема сомневање дека Мицкоски и неговата чета пратеници ќе бидат изложени под силен притисок да ги прифатат уставните промени, но се чини дека воопшто нема да биде лесно да се исполни обврската што ја презеде владата на Димитар Ковачевски во Преговарачката рамка во поглед на впишувањето на Бугарите во Уставот.

Уредниците и новинарите кои присуствуваа на првиот брифинг кај претседателот Стево Пендаровски по прифаќањето на рамката се сеќаваат дека тој тогаш предвиде дека Уставот нема да може да се промени пред 2024 година. Подгревањето на надежите со тезата „не сме далеку од 80 пратеници“ е дел од пропагандната кампања на СДСМ, која најверојатно ќе продолжи и во првите месеци од наредната година, кога ќе се знае колку е ова реално, а колку како во народната – гладна кокошка просо сонува.

Трајанов: „Огнените“ можат да го нарушат мнозинството

Парламентарното мнозинство во моментов е стабилно, но и покрај ваквата стабилна состојба, сепак постои уште едно „но“, кое ја објаснува мотивацијата за засилување на мнозинството, вели лидерот на Демократски сојуз, Павле Трајанов, во интервју за Дојче веле.

– Состојбите во ДУИ се непредвидливи, посебно со „Огнената група“ и тие можат да се обидат да го нарушат мнозинството. Со цел ДУИ да го амортизира влијанието на „огнените“, започна процес на зголемување на парламентарното мнозинство со понуда до Алијанса за Албанците да се вклучи во Владата, со две или три министерски места, но не од тие што ги има ДУИ, туку Алтернатива и СДСМ да отстапат места – министерски, заменик-министерски и во пониските ешалони – објаснува Трајанов.

Според него, така поставените позиции отвораат многу прашања и дилеми, од аспект на соодветната и правична застапеност на етничките заедници, нарушување на меѓуетничкиот баланс и создавање на коалиција на непринципиелни основи, без стратегија и програма поврзана со националните и стратешките интреси на државата.

– Образложението дека такво ново и проширено мнозинство ќе биде гарант за евроинтеграциските процеси и гарација за уставните промени, е манипулативно, несериозно и неиздржно. Постои и граѓански и политички консензус за полноправно членство на Македонија во ЕУ, но за да се надминат пречките треба да се прават реформи и аргументи за тоа – што е прифатливо, а што не, посебно за причините за бугарските условувања – вели Трајанов.

Поврзани содржини