Како и сите форматни „блудници“, и вавилонската има многу лица. Различно за различен „клиент“. И потреби. Затоа и не е воопшто лесно да се определите за едно и да го сметате за вистинското. Невозможно е. Но ако некој ги видел повеќето, тоа сме ние, односно Македонија во последниве стотина години. И повторно не би знаеле кое е доминантното, иако можеби би се двоумеле помеѓу лажливото и превртливото, силеџиското и злосторничкото, (квази)либераното и (квази)демократското итн.
Се разбира, се шегувам за конструкцијата „вавилонска блудница“ но таа некако остана да тлее во македонската потсвест до денес. Оправдано или не – секој ќе направи свој избор. Но, ако во таков контекст поставите некои од долгогодишните карактеристични „типови“ на европско „однесување“ во сферата на, ајде да речеме, актуелното liberté, égalité, fraternité, на одвратно циничниот и патерналистички однос кон овој регион, на целосното неразбирање – или отсуство на желба да се разбере – историјата и конфликтните спреги на Балканот, на демонстрирањето на нејзините капиталистичко-империјалистички „вештини“ сообразно на „клиентелата“ итн., тогаш она „блудница“ како да е прекар по мерка, нели?! Баш онака како што ја опишува Новиот завет, „облечена во пурпур и скерлет и накитена со злато, драгоцени камења и бисери, во раката своја држеше златна чаша полна со гнасотија и нечистотија од блудството нејзино“.
Овие навидум херметички описи не се лесни за дешифрирање, но историјата и историчарите умеат да им дадат соодветни значења. Но не само тие. Дури и „по природа“ скептичниот македонски граѓанин речиси до неодамна успеваше да се „снаоѓа“ во контроверзните информации и потези што секојдневно доаѓаат и де факто влијаат врз неговото прифаќање на (најблаго речено) чудниот развој на т.н. европски дух денес. А во тоа најмалку помагаат – или повеќе одмагаат – „мислењата“ и „објаснувањата“ на некои локални „мудреци“ кои настојчиво ни лиферуваат преџвакани надворешни „сугестии“ филувани со нивни лични мирудии, коишто во лавиринтот на „блудни“ пораки што секојдневно стигнуваат од таа Европа создаваат уште поголем хаос.
Тогаш, оправдано скептичниот став се зацврстува, дури и прекумерно. Зашто, на пример, кому му служи, освен на внесувањето директен јавен смут контра новата власт, она „објаснување“ зошто Орбан ни ја дава милијардата! Па зарем другите заеми сме ги добивале од љубов и почит? И без камати? А оние „евро-обврзници“?! Или, повторно како пример, оние домашни финансиски малверзации со простени долгови на едно чудо криминалци со познати презимиња? Тоа што е?
Или, ако баш сакате, како тоа остатокот од „прогресивната“ клиентела не пропушта, наспроти нашата позната тврдоглавост, да нѐ просветли за „дострелите“ на некакви „супериорни“ европски меѓудржавни историски комисии, небаре историјата има еден терк применлив за сите? Или, пак, други лековерни умови настојчиво ја убедуваат јавноста во епохалните придобивки што допрва ќе ги откриваме од враќањето на оној двоец без кормилар во „социјалдемократската мрежа“! Се присилувам да мислам дека тоа се „добронамерни“ сугестии и проширување на нашите видици во насоката на евроинтегративните процеси (коишто, демек, ни се императив, нели!?) и на, како што милуваат да кажат, „либерално-демократските вредности споделени со ЕУ и со Америка“. Ама, дали и поголемиот дел од македонските граѓани ќе сакаат баш така да мислат?
Или, повторно, не сакам да кажам дека ние, некако, и наспроти перфидните обиди на некои локални „мудреци“, сѐ повеќе се оддалечуваме – или нѐ оддалечуваат – од тој нејасен „свет“, но сето она што го примаме како јавна информација за оваа и оваква Европа е, најблаго речено, срамотно дело на веќе одамна заробениот „европски дух“. Или, подобро речено, ова ли е таа иста „стара дама“ Европа што ни беше понудена, а ние ја прифативме, на почетокот на деведесетите? Или навистина се престорува во современа „вавилонска блудница“?! Со лице како она „glendi“ со „Последната вечера“ на отворањето на Олимписките игри во Париз, коешто после цели три дена им текна да го објаснат како некаква глупава „Гозба на боговите“? Што, барем за мене, сосема посоодветно одговара како метафора на денешните ЕУ „политики“ кон одделни региони, особено кон Балканот.
Но, всушност, овде – барем сега – не станува збор за „политиките“ на Унија како формалното „лице“ на денешна Европа. Тоа лице, или маска, ќе остане за следниот пат. Меѓутоа, ако сме веќе кај уметничките мерафори, оваа денешна Европа најсоодветно се одзива на познатото дело на Рембрант „Грабнувањето на Европа“ зашто, барем од повеќето перспективи денес, некогашната Европа е навистина киднапирана од „неидентификувани“ сили налик на „белиот бик“ Јупитер или Зевс, во зависност која миотологија ја преферирате.
Зашто, ако загребете под површината на убавите приказни спакувани во светликава хартија и со машничка на врвот што секојдневно се сервираат кај нас, ќе се соочите со, на пример, веста дека јавниот сервис на Полска го суспендирал новинарот и спортски коментатор кој реагирал на изведбата на легендарната песна на Џон Ленон „Imagine“ на отворањето на Олимписките игри со тврдење дека се работи за еден вид „визија на комунизмот“. Но, во негова „одбрана“ застанал, ни помалку ни повеќе туку полскиот претседател Дуда, оној истиот кој бара Русија „да се распарчи“ а во Полска да биде стационирано американско нуклеарно вооружување! На такви ли „либерално-демократски вредности“ мислат „нашиве“?
Или можеби на последното безобразно цинично предупредување од оној Сарацин во врска коридорите 8 и 10 дека „Транспортните коридори во Европа се во надлежност на Брисел. Лично верувам дека не е во надлежност на една земја да ги менува европските приоритети во транспортната политика (sic!).“ Извинете, но тој Брисел ли е сега „новиот Рим“, „мајка на блудниците и на земните гнасотии“, а Македонија е некаква вазалска територија на ЕУ па тие, со помош на библискиот „црвен ѕвер“ со „седум глави и десет рогови“ што премногу наликува на онаа „силна“ Алијанса, ни наложуваат какви транспортни коридори ќе се градат во земјава? Како тоа замислуваат да градат нешто низ туѓа земја без право на коментар/глас, и со уште помало право да биде полноправна членка на ЕУ бидејќи промената на Уставот „е главниот услов на Советот на ЕУ од Преговарачката рамка за Скопје“?!
Што како папагал упорно го вергла и оној Гир, кој очигледно е тотално неспособен да најде други допирни точки на соработка помеѓу ЕУ и Македонија и сериозно да развива барем некаква комуникација. Ако не повеќе тогаш нека е во културата, или она што остана од неа во Македонија. Но ја има, сепак ја има, иако можеби не според „сензитивниот“ ќеф на Гир и неговите газди во Брисел!?
Сакам да кажам: неспорно коридорите за коишто станува збор, обата, се важни не само за ЕУ туку и за Македонија. Но апсолутно е навредлив односот на потценувачки диктат на Брисел што и како ќе има примат бидејќи тоа биле „европски приоритети“! И ние имаме право само да – молчиме?! Или, згора на другото, ако нивната „членка“ со децении не покажала интерес за Коридорот 8, па дури ни во насоката за олеснувањето на нивните 5-10 Бугари во Македонија (кои треба да ги впишеме во Уставот)! полесно да стасаат до матичната земја, зошто тогаш ние би требало толку да се потресуваме за тоа? Во тој контекст, како сакате гледајте на тоа, но актулениот предлог на Коридорот 10 да му се даде приоритет е апсолутно разбирлив!
Или оној малициозен Сарацин навистина верува дека „Бугарија е збунета, но и загрижена од ова барање на Скопје“? Е па извинете, зошто ние би имале должност воопшто да разговараме со лековерни луѓе? Само заради нечија сомнабулна идеја дека „Коридорот 8 секако е од стратешко значење“? Ама – за кого, ако не е за Бугарија, која не покажува интерес за него, а не е приоритет ни за Македонија?
Следствено, и не дека јас тука сега ќе глумам стратешки и транспортен експерт, но да ја споредувате важноста на двата правца – коридорите 8 и 10 – за државава, е вон памет. Освен ако не сте Сарацин, фон дер Лајен или некој друг бирократ. Или НАТО функционер (но за тоа во друга прилика). Односно, ако оваа и ваква Бугарија – а сепак галениче на ЕУ!? – досега не покажала ама баш никакви амбиции за олеснување на таа патна комуникација за нејзините десетина државјани во Македонија, тогаш која е логиката на тој коридор. Или тој им е потребен на ЕУ и НАТО за други цели? Е па ако и ова не умееме да го изиграме…!
И, се разбира, ова се само некои од грдите лица на денешната Европа. Ги има уште многу, но не само во политиката. Драстичен е примерот со „критериумот“ на Олимпијадата што се одржува на нејзино тло да ги дисквалификува од учество руските спортисти но не и – израелските. Слично како и на некои „културни“ манифестации, меѓу нив и онаа апсурдна „Песна на Евровизија“. Или страотното понижување и ултранационалиситички однос на организаторите на некои (дури и врвни!) спортски манифестации од форматот на Вимблдон или Ролан Гарос…!?
Впрочем, зарем повторното октроирање на онаа „госпожа“ фон дер Лајен за шефица на Европската комисија не е врв на таа европска дволичност, ароганција, некултура и потценување на сѐ вон границите на Унијата?
Извор: Теодосиевски уметност