Вистината има лице
Вистината, или барем еден голем нејзин дел, ја видовме во обраќањето на Претседателката Силјановска-Давкова во Собранието. Сега ги слушаме и читаме – лагите! Но, велат, слободата на говор била неприкосновена. Па и слободата на лагата. Тоа се викало – демократија.
Вистината има лице. Го има и лагата, но тоа се вика – опачина. Или темната страна на „вистината“. И лесно се препознава зашто слугува на нечесни, неморални цели, на магловити агенди и перспективи. А лесно се препознава зашто не може истовремено да има две вистини. Едната секогаш е – лажна, инвалидизирана од лични и групни интереси и суети, од алчност и ниски страсти! Криминалот и корупцијата ѝ се побратими, простотијата и провинцијализмот придружници.
Вистината, или барем еден голем нејзин дел, ја видовме во обраќањето на Претседателката Силјановска-Давкова во Собранието. Сега ги слушаме и читаме – лагите! Но, велат, слободата на говор била неприкосновена. Па и слободата на лагата. Тоа се викало – демократија. И човекови права. И таа и таква слобода, и таа и таква демократија, дозволува член на убедливо најкриминалната и најкорумпираната власт во поновата македонска историја, а денес претседател на секта што глуми политичка партија, да набедува – или лаже, како сакате – дека тоа се други а не неговите пајташи кои тезгареа со државата цели седум години! И бидејќи тие веќе немаат пристап до власта, а најголемиот дел од пајташите избегаа од земјата, сега овде ќе завладееле црни денови и кризи. Каква беспризорна дрскост!
Згора, го присвои и „мнозинството граѓани кои сакаат оваа земја да ја видат интегрирана целосно во Европа“, но го „заборави“ референдумот и резултатите од него, „заборави“ дека токму „мнозинството граѓани“ беа недвојбено против цената што овие слепци сакаа да ја платат за „европската приказна“. А таква „приказна“ гледаат цели три децении. Но, овие лаги не се неутрални или „бели“, безболни. Според „принципот на точност“ (С. Бок), нема „лесни“, бенигни, полезни… лаги. Лагата, особено лагите од овој формат, секогаш имаат штетни, пресметани, негативни ефекти по граѓанинот и општеството! „Лагата никогаш не е оправдана ако постои адекватна алтернативна вистина“, вели Сисела Бок во нејзината книга „Лажење: морален избор во јавниот и приватниот живот“.
И вистината, но и лагата, се токму тоа: морален избор на поединецот, негова идентификација односно неговото лице или опачината, „лична карта“ во општеството. Зашто, зад ваквите лаги постои алтернативна вистина – онаа изречена од страна на Претседателката од собраниската говорница: дека и за нас мора да важат „гаранциите за почитување на националниот и културен идентитет, дигнитет и интегритет, како темелни вредности на коишто се повикува ЕУ…“!
Но, прислужниците на „лидерот“ и лагата – секакви шушумиги зависни од закрилата на сектата – не се грижат многу за вистината, за моралот, па дури ни за сопствениот лик во очите на јавноста. За нив има само една вистина – лагата! И затоа за нив вистината „ја ’уби’ и последната надеж дека ќе продолжат преговорите за влегување на земјава во европското семејство“. Фактот што тоа „семејство“ не сака името да им го спомне за нив не значи ништо. Фактот што тоа „семејство“ ја лаже нивната земја цели три децении поставувајќи невозможни и ненормални услови, за нив е нормално. Тие би да платат и таква цена, па и секоја друга. Затоа, часот по историја – или часот по вистина, ако баш сакате – не им се допаѓа. За нив, „аргументите што ги изнесе се спротивни на интересите на Македонија“ (sic!)! А кои се „аргументите“ во интерес на Македонија? Оние петпарачки финти како „рака на срце“ и „името на моите претци“? Оние што ги сковале Заев, Филипче и компанија, а се викаат „Бугари во Устав“, измислени во миг и договорени на парче хартија како на Јалта а потпишани од двајца умислени пезевенковци кои некој овде сака да ни ги претстави како „најважната функција во извршната власт која игра улога и на претставник на државата во односите со други држави“! Тотално незнаење или свесна лага, беспримерна неукост или фингирана глупост…? А всушност – сеедно, зашто токму парламентарните избори во 2024 година им ги посочија аргументите, им ја кажаа вистината и ги сместија каде што им е местото!