Стопати повторената лага не станува вистина. Таа можеби се камуфлира во некаква посакувана „вистина“ единствено во малите умови на големите лажговци, но и тоа е само привремена состојба. Впрочем, таа Гебелсова фашизоидна измислица не помина ни во Втората светска војна, не пак денес. „Вистината е најголемиот непријател на државата“, велело тоа садистичко нечовече! И системот, под негова контрола, негирал сѐ: од погромот над Евреите до Аушвиц, од монструозните експерименти на Менгеле до болниците за „неизлечиво болните“, од палењето книги до „entartete kunst“…
Но Гебелс имал добар учител. Во „Мојата борба“ (Mein Kampf) Хитлер сугерира: „широките народни маси се секогаш полесно корумпирани на подлабокото рамниште на нивната емоционална отколку свесна или самоволна природа; затоа примитивната простодушност на нивните умови побргу станува жртва на големата отколку на малата лага (…)“.
И оваа „прогресивна“ власт, во нејзиниот „поход“ кон ЕУ не успева да најде подобар историски модел туку фрапантно ги копира тие и такви фашистички методи? Зашто, речиси цели шест години македонскиот граѓанин е буквално бомбардиран од големи лаги и „теории“ до заплашувачки и понижувачки изјави, од коментари, колумни, анализи и слични идиотштини од страна на највисокото државно раководство и неговите „интелектуално образовани“ кербери за единствената „вистина“ на нашето евроинтегрирање. „Вистина“ на чијшто светол пат стои како пречка само национализмот на опозициските непријателските елементи, поединци и групи вљубени во цврстата прегратка на руската мечка. Во таа налудничава крстоносна харанга некои подопашници на власта бесрамно откриваат проруски шпиони дури и во самиот врв на МАНУ!
Тие испробани фашизоидни методи комплетно ја искривуваат целата слика во државата односно смислено упатуваат на лагата дека сите спомнати „непријателски елементи“ се против ЕУ и НАТО, „заборавајќи“ притоа дека најголемиот дел од забелешките одат на сметката на начинот на нашето (понижувачко) евроинтегрирање, но не и на крајната цел како таква. Но тоа е дел од големата лага, од нивната свесна манипулација со вистината и безобразното потценување на интелигенцијата на македонскиот граѓанин.
Последната лажлива изјава на министерот за надворешни дека „Имате политички партии коишто упорно го кочат тој процес (…), сметаат дека треба да има алтернативни структури од типот на средбата на рускиот претседател со севернокорејскиот претседател (…), дали сакаат Европска унија или ја сакаат таа коалиција којашто се сретна скоро во Русија“ е токму тој Гебелсовски стил на заведување на граѓаните. Подготвеноста на оваа власт да лаже – буквално, отворено и најбесрамно – веќе ги премина сите граници на пристојноста и политиката, ставајќи ги сите „сомничави“ во скутот на Путин и Ким Јонг Ун!
Но нивните Гебелсовски методи не ги исклучуваат и ала Химлер „специјалните операции“ во стилот на разни нарачани „медиумски анализи“ и „истражувања“ на јавното мислење, интервјуа во соседни весници, на лажни вести и простачки озборувања итн. Токму во таков тип се впушта дури и („непартискиот“) претседател на државата со изјави од типот „некој, некаде, некогаш“ барал од него амнестија за криминалците од бившата власт. Сосема во провинцискиот стил на бабите сретсело, тој преку „непознатите“ поединци се обидува да ја стигматизира целата опозиција.
Во една ваква констелација во Македонија веќе не станува збор за „илузија на вистината“, туку за бедно, политикантско лажење и отворено манипулирање со јавното мислење. И во таа насока власта повторно се придржува до упатствата на Хитлер: јавноста секогаш да се држи под тензија, никогаш да не се признае грешката, никогаш да не се каже дека може да има нешто добро (или вистинито) во тврдењата на „непријателот“, никогаш да не се остава простор за алтернативи… Просто како да го гледате Хитлеровиот прирачник на дело. Секој божи ден „се убија“ од лажење, сите, до еден!
За таа цел е ангажирана и целата државна администрација и онаа „шеста колона“ на граѓански организации затскриени зад разноразни „институти“ што се залагаат за борба против дезинформациите и лажните вести, говорот на омраза и дискриминација во медиумите и јавните комуникации, а всушност отворено ги пропагираат сите лаги на власта и ги денунцираат оние кои мислат поинаку.
Во тој ист главно расштимуван хор редовно се пројавуваат и поединечните гласови на онаа лукративна „интелектуално образована“ интелигенција, којашто додава на гласноста кога нештата тендираат да станат смешни за власта. Најновата арија е дека „Новата власт на СДСМ се устоличи и политичарите, разбирливо, се свртеа кон работите што се очекува да ги прават: благосостојбата на народот и безбедност на државата (НАТО, ЕУ, економија, плати, пензии, здравство, образование, парно…).“ И, се разбира, тука веќе не е важна ни „илузијата на вистината“ туку дрското, грозно лажење и манипулирање со реалноста!
Впрочем, пред само неколку години бевме сведоци на увертирата во оваа јавна травестија на власта, онаа со промената на името на државата. На што му претходеа познатите колнења во претците и славното историско име кое никој не смее да ни го одземе, на рачето на срцето и ветувањата на идните поколенија. Од времето на „Ајде мајката, го донеле Заев да го продаде името“, преку она „што ќе им кажеме ние на САД, дека згрешиле кога Конгресот одлучил да не признае како Република Македонија?“, па до онаа бласфемија на Пендаровски дека „душата ќе му ја извадат на тој што евентуално би го потпишал тоа“, сега се врти истиот филм, со истите актери, само со друга содржина.
И сите ја забораваат онаа мисла на Линколн дека „можеш да ги лажеш некои луѓе цело време, и сите луѓе извесно време, но не можеш да ги лажеш сите луѓе цело време“. Иако кај нас големите лаги одат во еднакво големи пакувања со други лажни „тези“, особено онаа за малите луѓе и малите држави.
И тоа подметнување, повторно, најмизерно го пласира спомнатиот министер за надворешни работи со она понизно „премногу сме мали, премногу зависни, премногу ранливи, без тој голем систем што го нуди ЕУ (…)“. А тука, за среќа, точно помеѓу овие флоскули, доаѓа веста дека кнежеството Монако ги прекинува преговорите за членство во ЕУ заради неможноста да ги усогласат националните „црвени линии“ со барањата на Унијата! А Монако е, замислете, микродржава од само 37 илјади население. Ама изгледа не се „зависни“ и „ранливи“ без ЕУ?
Една од официјалните „црвени линии“ на Монако било инсистирањето на Принцот Алберт II да се задржат „постојните животни стандарди – за вработување и домување – за граѓаните и жителите на Кнежеството“. Што е спротивно на настојувањата на ЕУ за слободно движење на стока, капитал, луѓе и услуги во нејзините членки. Но, инаку, замислете што би се случило со малото Монако во случај на спроведување на стандардите на ЕУ?
Меѓутоа, велам една од официјалните „црвени линии“ бидејќи познавачите говорат и за друг голем „спор“ помеѓу Кнежеството и ЕУ: банкарскиот систем на Монако, којшто не бил по „вкус“ на ЕУ. Но тоа е друга тема.
Како и да е, „случајот Монако“ покажува дека „малите“ можат да бидат и големи во одбраната на своите принципи, дека не сите се плашат од слонови и горили или „санти лед“ што ќе ги притискаат. Но тоа се сепак доблесни држави и политичари, различни од нашиве.
П.С.
А во овој контекст, ако и самиот г-дин Ахмети, седејќи токму во највисокиот државен врв, говори за „нацистичка кампања“, зарем нема да му веруваме?
Извор: Теодосиевски уметност