ВИСОК ВОДОСТОЈ НА ВАРДАР, ТРЕСКА, ЦРНА… Можни се излевања на неколку реки

Зголемен е водостојот на сите реки во западниот дел од земјата и на дел од нив се очекуваат понатамошни зголемувања во текот на денот.

1,088

Врнежите кои паднаа изминатите 24 часа предизвикаа поголеми зголемувања на водостоите во западните делови на земјата, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

Зголемен е водостојот на сите реки во западниот дел од земјата и на дел од нив се очекуваат понатамошни зголемувања во текот на денот.






До крајот на денот се очекува висок водостој во горниот дел од сливот на реката Вардар, каде се можни заезерувања во Полошката Котлина, како и локални излевања на малите реки и суводолици во Гостиварскиот и во Тетовскиот регион, а и самата река Вардар се очекува да има висок водостој во текот на денот.

Висок водостој во текот на денов се очекува да имаат и реките Сатеска и Коселска, како и останатите реки во Охридско-Струшкиот регион каде на поедини места се можни локални излевања на помалите реки и суводолиците.

Реката Црна има зголемен водостој и во нејзиниот слив се можни локални излевања во текот на денот, во Демиркапискиот и во Пелагонискиот регион. Реката Треска има висок водостој и можни се локални излевања кај селата Пласница и Лисичани, а исто така зголемување на водостојот во текот на денот се очекува и на нејзината лева притока река Кичевска.

– Предупредуваме на претпазливо движење покрај реките и водотеците во западните делови во текот на денешниот ден, поради можност од појава на високи води. Исто така, на изолирани места и во источните делови локално е можна појава на интензивни врнежи така што препорачуваме и во тие делови внимателно следење на состојбата – велат од УХМР.

 

Поврзани содржини