ВИСОК Е ВОДОСТОЈОТ НА ВАРДАР, РАДИКА, ТРЕСКА, САТЕСКА И НА СТРУМИЦА Бидете внимателни, можни се поплави, предупредува УХМР

Има можност за локални излевања на помалите реки и суводолници, како и на делови од каналската мрежа за наводнување и одводнување. Исто така, има можност и за појава на одрони и свлечишта, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи.

4,496

Како последица на врнежите од дожд во текот на денов, зголемување има на водостојот на скоро сите водотеци низ Македонија, информира Управата за хидрометеоролошки работи.

„Согласно расположливите податоци од хидролошките станици низ земјава, значително е висок водостојот во горниот дел од сливот на река Вардар, во Гостиварскиот и во Плошкиот регион. Значително е висок водостојот на река Сатеска и на река Радика, заедно со нивните притоки), а висок е и водостојот на река Треска, вклучително и на помалите реки и притоките во нејзиниот слив. Брза реакција на врнежите од дожд покажуваат и поголем број од помалите реки и суводолници, пред сè во западниот дел на Македонија“, соопшти УХМР.






На истокот од Македонија зголемен водостој се бележи на река Струмица и во горниот дел од сливот на река Брегалница, се додава во соопштението.

„До крајот на денот како и за време на ноќта се очекува врнежите да продолжат да паѓаат посебно во западните делови на земјата и водостојот во посочените сливни подрачја да остане да биде висок, при што останува можност за локални излевања на помалите реки и суводолници, како и на делови од каналската мрежа за наводнување и одводнување. Исто така, има можност и за појава на одрони и свлечишта. Предупредуваме за претпазливо движење покрај реките и суводолниците во текот на вечерните часови и за време на претстојната ноќ“, предупредува Управата.

Поврзани содржини