ВИШОТО ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО ИМА НОВА ШЕФИЦА Хајрулахи заминува, Крстевска Цалева ја презема должноста
Советот на јавните обвинители ја именува Наташа Крстевска Цалева како вршител на должноста додека се решава статусот на Мустафа Хајрулахи, кој е суспендиран по обвинителен акт за пет кривични дела.
Советот на јавните обвинители ја именува Наташа Крстевска Цалева за вршител на должноста Виш јавен обвинител на Вишо јавно обвинителство Скопје, до изборот на нов шеф на обвинителството, но не подолго од шест месеци.
Определувањето на должноста беше првата и единствена точка на дневниот ред на денешната 33-та седница на Советот на јавни обвинители.
На почетокот на неделава, на 9 декември, Советот донесе одлука за престанок на функцијата јавен обвинител за Мустафа Хајрулахи, поранешен шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, по негово сопствено барање.
Хајрулахи беше суспендиран откако Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт за пет кривични дела „малтретирање во вршење на службата“ и едно за „злоупотреба на службената положба и овластување“. Тој категорично ги отфрли сите обвинувања, тврдејќи дека случајот е тенденциозен и политички монтиран со цел негово отстранување, поврзувајќи ја постапката со неговото постапување во врска со бонусите на СЈО.
Советот на јавните обвинители веќе во февруари годинава ја определи Наташа Крстевска Цалева за вршител на должноста шефица на Вишото јавно обвинителство, додека траеше оддалечувањето на Мустафа Хајрулахи.