ВИКТОРИЈА БЕКАМ СЕ ОГЛАСИ ПО СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО „Ја обожавав нашата фудбалска авантура!“
Поранешната „Спајс девојка“ стана вирален хит откако камерите ја уловија како останува мртва ладна додека сите околу неа се радуваа на голот на англиската фудбалска репрезентација против Норвешка.
Викторија Бекам се осврна на Светското првенство, откако неочекувано стана едно од најпопуларните мемиња на турнирот благодарение на сцена од трибините што ги насмеа љубителите на фудбалот ширум светот.
52-годишната модна дизајнерка во изминатите недели ги следеше натпреварите на Светското првенство, кое годинава заеднички го организираа САД, Канада и Мексико, заедно со сопругот Дејвид Бекам.
Со нив на натпреварите беа и 15-годишната ќерка Харпер, како и нивните два помлади сина, 23-годишниот Ромео и 21-годишниот Круз.
По финалето, во кое Шпанија ја совлада Аргентина со 1:0 и ја освои светската титула, Викторија на Инстаграм објави фотографија со Дејвид од трибините и напиша:
– Ја обожавав нашата фудбалска авантура! Те сакам, Дејвид.
Објавата доаѓа само неколку дена откако Викторија стана вирален хит по четвртфиналниот натпревар меѓу Англија и Норвешка во Мајами.
Во драматичниот меч, Норвешка поведе рано, но Англија во финишот успеа да направи пресврт благодарение на спектакуларниот гол на Џуд Белингам. Додека публиката еуфорично славеше, Дејвид, Ромео, Круз и Харпер скокаа од радост, Викторија остана речиси неподвижна и со препознатливиот сериозен израз на лицето, што веднаш стана тема на социјалните мрежи.
По ова Дејвид реши јавно да ја одбрани сопругата.
– Славеше во себе. Ветувам дека реакциите само ѝ беа малку побавни од моите – напиша тој со низа насмеани емотикони.
Интересно е што Викторија во минатото отворено признаваше дека не е љубител на фудбалот. Кога го запознала Дејвид во 1997 година, спортот не ја интересирал премногу, иако како сопруга редовно присуствувала на неговите натпревари.
Во интервју за „Фајненшл тајмс“ во 2024 година изјави дека тогаш не се чувствувала прифатено во фудбалскиот свет.
– Никогаш не ми беше забавно да гледам фудбал. Никогаш навистина не се чувствував добредојдена на натпреварите. Сега е многу поинаку. Сега, кога сме во Мајами, се чувствувам прифатено. Пријателка сум со семејствата на играчите – изјавила таа.