ВИКТОР ДИМОВСКИ ГО КЛЕВЕТИ ЉУПЧО ЗЛАТЕВ Новинарот остро ги демантира обвинувањата на поранешниот директор на тајната полиција
Ова е јасна клевета која има единствена намена да им штети на моите чест и углед без никаков доказ. Виктор Димовски во интервјуто за 360 со оваа изјава потврди дека јас сум бил незаконски следен, пишува познатиот новинар Љупчо Златев во демант објавен на неговиот профил на Фејсбук.
Новинарот Љупчо Златев остро реагира и ги демантира изјавите на поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, Виктор Димовски, велејќи дека Димовски ги оштетил неговите чест и углед давајќи лажни информации во интервју за медиумот 360 степени. Златев побара медиумот да го објави неговиот демант и да ги исече деловите од објавеното интервју.
Во продолжение во целост го објавуваме демантот на новинарот Златев:
„Во вчерашната емисија на „360 степени“ емитувана на Јутјуб, беа изнесени низа на целосно неточни информации од страна на поранешниот директор на Агенцијата за Национална Безбедност, Виктор Димовски, кои имаат тенденциозна намера да штетат на моите чест и углед.
Имено, по 19. минута и 50 секунда од емисијата, моето име беше тема на разговор. Откако новинарот Васко Попетревски го спомена моето име, како пример за новинар кој бил пријавен во ОЈО од страна на АНБ под водство на Димовски, затоа што објавил наводно класифицирани информации, Виктор Димовски тенденциозно и со намера да наштети на моите чест и углед изнесе неколку целосно неточни информации.
– Да, се работи за тој случај и тој беше соодветно процесуиран и ако добро се сеќавам изречена е пресуда во првостепена постака. Тоа можеби… по наша пријава за објавување на класифицирана информација, оддавање на службена тајна во медиуми. – рече Димовски.
Оваа изјава е целосно неточна, од три причини кои секој може да ги провери во Основниот суд „Скопје 1“, „Управниот суд“ и на веб страницата на Стејт Департментот на Соединетите Американски Држави:
1. Вистината е дека до денеска, 07.10.2025, повеќе од 5 години по почнувањето на судскиот процес против мене, во наведениот случај, врз мене не е изречена никаква првостепена пресуда. Виктор Димовски тенденциозно изнесува неточна информација, иако како сведок во случајот совршено добро знае дека никаква пресуда нема, во ниту една истанца. Имено, тој е сведок во судскиот процес и на десетици рочишта одбива да се појави и да се соочи со мене и со мојот адвокат Драган Пешевски иако од судот има уредна покана да се појави како пријавител и како одговорен за злоупотребите во АНБ за кој јас пишував во новинарската објава.
Значи, никаква пресуда нема и јас сум со години заглавен во судските лавиринти со огромни трошоци и огромен стрес за моето пошироко семејство. Судскиот процес против мене е обично злосторничко здружување на Зоран Заев, Виктор Димовски и Гаврил Бубевски за да престанам да пишувам критички за претходната влада на СДСМ. Толку беше тенденциозно, што надвор од судската пракса од ОЈО беше предложено во име на Виктор Димовски да сведочи „овластен сведок“, по што јас побарав да најдам „овластен обвинет“. Во 2022 година, Зоран Заев ми испрати емисари кои ми нудеа да ми го повлечат обвинението доколку за возврат почнам да работам за СДСМ. Чинам дека имаше и други слични случаи на новинари, проверете ги што прават денес.
2. Целосна лага е дека јас како главен уредник на lider.mk сум објавил класифицирани информации. Споменатата безбедносна проверка која јас ја објавив е поништена од Управниот суд на Република Северна Македонија. Кога еден документ е ништовен, тој не може да биде класифициран и да предизвика било какво правно дејство.
3. Доколку го отворите извештајот од 2020 година на Стејт Департментот на САД за човековите права во Македонија, ќе видите дека мојот случај е нотиран како еклатантен пример за кршење на човекови права.
Понатаму, во следниот дел од интервјуто, алудираќи дека јас сум нечесен Виктор Димовски вели:
– Никогаш некој кој што чесно си ја врши работата не бил таргет во мое време во АНБ, меѓутоа доколку некој дошол во судир со законот за Класифицирани информации, доколку дошол во судир со прашања поврзани со загрозување на националната безбедност, тогаш не е исклучена да агенцијата провери од каде… во дадениот случај истекле дадените… – вели Димовски.
Човек кој објавил декласифицирана безбедносна проверка во која има злоупотреби од страна на Виктор Димовски, е етикетиран како нечесен и како закана за националната безбедност. Ова е јасна клевета која има единствена намена да им штети на моите чест и углед без никаков доказ. Виктор Димовски во интервјуто за 360 со оваа изјава потврди дека јас сум бил незаконски следен.
Вознемирен сум од тоа што по изнесувањето на овие податоци, пред емитувањето на емисијата, согласно професионалните и етичките стандарди на новинарската професија не бев прашан од медиумот за мојата страна од приказната. Се надевам дека од тимот на 360 степени оваа неправда ќе биде исправена.
За да се спречи штетата на моите чест и углед, од продукцијата „360 степени“ барам да го објави овој демант во целост на иста насловна позиција на вашиот вебсајт (www.360stepeni.mk) и демантот да стои на оваа позиција исто толку долго колку и клеветничкото интервју на Димовски.
Во исто време, барам од Јутуб видеото да бидат исечени деловите во кои се зборува за мене, за лажната вест да не биде редистрибуирана“.