ВИКИНЗИ, ЏЕДАИ, МАРСОВЦИ Какви одговори се кријат во графата „непознато“ за етничка припадност?
Не знам како да ви објаснам, ама имало луѓе кои биле прашани за етничката припадност, а кои си ги измислувале одговорите. Ние не можеме да им речеме на луѓето да бидат сериозни, бидејќи тие си имаат право да се чувствуваат онака како што тврдат дека се чувствуваат, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.
Какви ли одговори се кријат во графата „непознато“ во делот за етничката припадност на граѓаните кои учествуваа во Пописот 2021 година? Одговорот на ова прашање го знаат само неколкумина вработени во Државниот завод за статистика (ДЗС) кои работеле на групирање на искажаните одговори и кои ги креирале категориите.
Токму во графата „непознато“ се заведени дури 472 лица (278 мажи и 194 жени), а како што ни објасни директорот на ДЗС, Апостол Симовски, станувало збор за глупави и за измислени одговори, па затоа одлучиле да ги вметнат во еден ист фолдер на кој му дале име „непознато“.
– Не знам како да ви објаснам, ама имало луѓе кои биле прашани за етничката припадност, а кои си ги измислувале одговорите. Ние не можеме да им речеме на луѓето да бидат сериозни, бидејќи тие си имаат право да се чувствуваат онака како што тврдат дека се чувствуваат. Но, тоа ни направи проблем, бидејќи требаше да отвориме дваесетина нови фолдери во кои ќе вметнеме по едно или по две лица кои си ги измислиле одговорите. Едноставно, се договориле двајца сопружници или тројца другари да си измислат своја етничка припадност, но таа бројка е едноцифрена. Но, ако имавме 200, 300, 500 или, пак, 1.000 лица коишто се пишале според измислениот одговор, тогаш веќе ќе постапевме поинаку и секако дека ќе креиравме нова графа – објаснува Симовски.
До редакцијата на Плусинфо пристигнаа реакции од граѓани кои на пописот во септември се попишале како Викинзи, Џедаи, Марсовци, а кои не се пронашле во резултатите од статистичката операција.
На прашањето какви сѐ одговори лежат во графата „непознато“, Симовски вели дека воопшто не ѕирнал во одговорите.
– Јас не сум погледнал ниту еден одговор, верувајте ми. Не сакав да погледнам во одговорите, бидејќи ако погледнев, тогаш целата работа ќе станеше сомнителна. Луѓето коишто се професионалци си ја работеа својата работа и јас немав никаков пристап до податоците. Затоа, дозволете ни целосно да завршиме и да ги објавиме сите податоци од пописот, а потоа, ако е потребно, ќе ги гледаме и ќе ги анализираме и овие ситници – истакна Симовски за Плусинфо.