Викенд туризам – викенд на идни мртовци!?

(Гевгелија, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Охрид...дишат на шкрги!)

4,220

Дури и да ги имаме вакцините (а, најмалку од сите ги имаме!), нема да ја завршиме работата, ако не ги почитуваме мерките. Спосот е, само, во комбинација на вакцините со мерките. Затоа што и главниот проблем кај нас, лежи во  непочитувањето на мерките – во комбинација со новите сорти вируси, односно мутациите.

Кај нас, веќе, доминира британскиот вирус, а за малку ќе го закачевме и африканскиот! Мутациите на мутантите! А, кои се мутантите? Испадна дека вирусот е многу попаметен од нас, или барем е побрз – во надмудрувањето, во тоа – кој кого ќе го уништи (“игранка без престанка!”).






Пандемијата од ковид-19 е ОГЛЕДАЛО кое ни го покажа ОДРАЗОТ на нашето грдо лице, нашата немоќ, некомпететност, неорганизираност, неодговорност: лекари со од високи позиции во медицината, го пренесуваат од Занзибар, Малдивите и монденските ски-центри!

„Страдна мајка и на сакато дете се радува!. Сопствениот народ го ставивме во улога на СТАТИСТ за рекламните филмчиња на Александар Велики Вучиќ.Тоа сме сите ние!

Сите ние сме по некој Доријан Греј, од атељето на Бејзил Холвард, во романот на остроумниот Оскар Вајлд („Сликата на Доријан Греј”), приказна за човекот кој си ја продал душата во замена за вечна младост, вовлечен во низа грешни постапки. Но, дошол денот кога морал да се соочи со самозалажувањето, денот на  себесоочувањето со грдотијата на сопствената соголената душа.

Сите ние го носиме својот дел од одговорноста, иако, се разбира, таа не е рамномерна. Најодговорна е државата, иако и државата сме сите ние. Најодговорни се властите, на сите нивоа. Во случајов, властите се самата влада, со ресорното министерство – во првиот ешалон.Великиот Балзак, за далекувидите водачи: „мора да имаат БРАЗДИ ВО МОЗОКОТ, ПОРОЦИ НА ГОЛЕМИ ЛУГЕ, МЕЧТИ НА УМЕТНИЦИ И РАМНОДУШНОСТ НА ПОЛИТИЧАРИ”!

Властите ги имаат сите инструменти, тие се оние што донесуваат мерки и протоколи, тие се оние кои се задолжени, и законски, и морално, и материјално, да не натераат да ги почитуваме мерките, ако веќе, не сакаме самите да ги спроведуваме.

Полни шеталишта, распојасан народ, преполни меани, ечи песната за Биљана од бродот со гроздови од луге на палубата. Властите, со дигитронот в раце, мерат и премеруваат, бараат некакви баланси помеѓу здравјето и економијата! Нема економија без здравје.Економијата ќе ја подигнат само здрави луге.Со јасна и доследна стратегија.Никако со тргни-подзапри.Неопходно е да се затвориме недела-две,те да видиме што понатаму.

Кој не верува, нека се учи од српскиот пример. Први се во Европа по бројот на вакцинираните. Да, тоа ќе им донесе резултат после месец-два. А дотогаш? Болниците преполни, во Ниш – ситуацијата критична, стотици пациенти дишат како риба на суво-на респиратори! Зошто? Затоа што не може и илјадници втискани во редови пред ски-лифтовите на Копаоник и масовна вакцинација.

Ние, кутрите – ниту вакцина, ниту ред и поредок. Сите ги чекаме вакцините, сите сме некој поединечен Годо од „театарот на апсурдот  во живо”! Се постројуваме на граничниот премин (денеска ќе се радуваме на 3.000 дози на скопскиот аеродром), за да ни донесат некоја трошка, несвесни актери во пропагандните филмчиња на српскиот мега – мајстор на пијарот и кичот – спасителот Вучиќ! А, сосема свесни дека од Копаоник ни се враќаат цели семејства зразени до коска.

Истовремено, „не сме ич несериозни!” што ги немаме, затоа што проблемот не е во нас, туку во „недоволното производство!”, ама, и како да е сучиме работата, како и да го вртиме шилото, што би рекол бегалецот во Будим, пак е проблемот во нас. Како, тоа, за нас нема, а има за оној пред кого клечиме „затоа што и само една вакцина спасувала живот!”.

Е, не спасува. Не е се во вакцините, дури и да ни се претураат, како што, виртуелно, ги претура нашиот премиер: „стигнавме до 2,5 милиони!”. До никаде не стигнавме, другар Заев.Стигнавме до тоа – да нема слободно место во турите за Малдивите и Занзибар! Стигнавме до тоа – драгиот Љупчо Сиљаноски, да се мајтапи во стилот: „Види ги Занзибар и умри (!)”, парафраза на оригиналот:„Види го Неапол и умри!”.

Стигнавме до тоа – ЕУ „да стигне” до 6 милијарди вакцини, а за сите земји од Балканот да испрати само нешто помалку од илјада, во Албанија! А, како стигнавме до тоа? Стигнавме, така  што се плашевте од НАТО- стапот на Столтенберг и морковот на Фон дер Лаен навреме да порачате руски, односно кинески вакцини. А, се постројувавте на границата за да добиете грст Фајзерови, додека големиот „филантроп!” стигна да „испелцува” 2 милиони по прв, односно милион жители вакцинирани – по втор пат.

Како, тоа, за Брисел, да не му се секираат многу членки на ЕУ(Унгарија,Чешка,Франција…),  а нам да ни тресеа пантолоните? „Сте можеле и да скриете од нас дека Кинезите ни го вратиле капарот назад”!? Како тоа за самите членки на ЕУ (и спасителот Вучиќ) вакцините се „прашање на здравје и опсатанок”, а, само за нас, се „гео – стратегија и висока политика”!?

Скриле не скриле, работата е јасна како ден. Короната ги откорна сите наши заблуди. Не разголи до коска. Стигнавме до онаа народната: „не умри магаре до зелена трева!”. Грозданова вели ќе почнеме со масовнаста вакцинација кон април, Филипче вели: до крајот на март!?

Се вакцинираат здрави луге, а не веќе заразени. Ако вака продолжиме, ќе нема кого да вакцинираме! На докторите им „помагаме” со нашите журки и седенки по меаните, со нашите луксузирања по Малдивите и Занзибар! А, и самите лекари се дел од оваа „Занзибаријада”! Филипче може да нареди да се смени секретарот на Општата болница во Охрид, а не може да го забрани луксузирањето на своите по светот!?

Е, па, ќе губи народот доверба. Некој треба да го води. Неделниот пораст – 60 проценти! Гевгелија, Неготино, Кавадарци, Прилеп, Охрид…дишат на шкрги! Државата е таа која треба и мора да обезбеди почитување на мерките. Таа ги има сите инструменти во свои раце – и мегафонот и камшикот. Нека го употреби, само ќе и аплаудираме.

Лугето заспиваат и стануваат со молитвата: недал Бог да ви затреба одење на лекар! Во матичните амбуланти редици – уште надвор во дворот, пред интернистите – сте само бројче во ред, за да направите анализа за кр в- треба да застанете во ред уште во 6 часот наутро!!!

 

Поврзани содржини